Почна меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески

101

Почна десетиот Меморијален турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески. Во спортската сала „Форца“ ќе се  одиграат натпреварите меѓу екипите од Македонија, Хрватска, Грција и Албанија, соопшти Општина Карпош.

Главен покровител на турнирот е Општина Карпош, а организатор е Здружението на стопанственици Власи „Мандра“.

За прв пат, од оваа година, овој турнир во чест на нашата музичка легенда доби и меѓународен карактер.

На отворањето на турнирот, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев говореше за значењето на оваа спортска манифестација.

– Тоше беше и сеуште е нашата најголема музичка ѕвезда. Уметник кој беше пример за сите генерации. Личност која сите го сакаа, а неговата хуманост и солидарност секогаш беа во преден план. Нашата обврска денеска е да го негуваме неговото дело. Преку ваков вид на спортски настани да се потсетиме на вредностите кои Тоше ги споделуваше, на фер плејот, спортскиот дух, позитивната енергија – рече Богоев.

На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Нова Градишка, Винко Гргиќ, како и претставници од оваа хрватска општина каде што Тоше трагично го загуби својот живот.

Сепак, овој турнир е добра потврда за унапредување на соработката меѓу Опшина Карпош и Нова Градишка. Токму ликот и делото на Тоше Проески и денеска придонесуваат да се прави мост на соработка меѓу различни култури и држави.

Натпреварите ќе се одиграат во текот на викендот и сите заинтересирани граѓани имаат можност да ги проследат.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...