Раст на БДП од 3,2 отсто, па и поголем, интензивна градба на патната и железничката инфраструктура, гасоводот и на обновливи извори на енергија, како и олеснување на царинските и административните бариери, најавува за годинава вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во интервју за МИА.
Подготвителните активности направени минатата 2018 година, според него, веќе вродуваат со плод и даваат резултати и во делот на приватиот бизнис. Фокусот на Владата, вели Анѓушев, и натаму ќе биде на креирање подобра економска клима и олеснување на бизнисот.
За барањето за предвремени парламентарни избори, вели дека сите избори негативно влијаат врз економијата, бидејќи во тој период целата држава се фокусира на нив.
Анѓушев во интервјуто зборува и за енергетиката, либерализацијата на пазарот на електрична енергија, изборот на универзален снабдувач,…
Владата најави дека економијата ќе биде главен фокус за годинава. Дали е остварлив планираниот раст од 3,2 проценти?
– Рековме дека економијата ќе биде главен фокус на Владата оваа година, бидејќи после сите политички настани и решавања на заостанати проблеми реално треба граѓанинот на Република Македонија да го види бенефитот од сето тоа, а бенефитот се гледа преку растот на економијата.
Оптимист сум дека е возможен раст од 3,2 отсто на БДП, а можеби и повеќе, бидејќи она што го направивме како мерки во индустријата веќе функционира и дава резултати. Структурата на БДП над 60 проценти ја прават четири основни гранки, а тоа се производството, односно индустријата во која спаѓаат рударство и енергетика, втората е градежништвото, третата земјоделството и четвртата трговијата која е блиску врзана со претходните три гранки и расте ако има поголемо производство, земјоделство и градежништво преку продажба на репро материјали.
Во 2018 година имавме индустриски раст од шест до седум отсто во споредба со претходната 2017 година во зависност кои месеци ќе се споредуваат, а на годишно ниво порастот е над пет проценти. Кај земјоделството има одреден пораст, но мислам дека има простор за уште поголем пораст, а во трговијата има пораст како резултат, пред се на порастот на индустријата. Но, во градежништвото имавме потфрлање. Ако производството, земјоделството и трговијата се веќе добри и се во раст, потребно е само да го вратиме градежништвото во нормала и во тој случај бројките на раст ќе бидат загарантирани.
Како ќе влијаат на економијата евентуалните предвремени парламентарни избори?
– Сите избори негативно влијаат врз економијата, па така и предвремени парламентарни, бидејќи во тој период пред се целата држава на некој начин е посветена на изборите.
Има два момента како изборите влијаат на економијата. Првиот момент е што админстрацијата на некој начин успорува или престанува да работи, бидејќи дел од луѓето кои ги водат институциите се посветуваат на избори, но и добар дел е зашто согласно законите во Македонија многу активности не можат да се прават. Не можат да се склучуваат нови договори, концесии, не може да се доделува земјиште и сето тоа прави застој во работењето. Тоа е реалниот аспект на негативното влијание на изборите врз економијата, меѓутоа има и психолошки апсект. Пред секои избори секој инвеститор не знае што ќе се случи по изборите и секој вика „кога има избори и кога знам дека нема да има стабилна ситуација во следниот период, да почекаме да видиме што ќе се случи и после ќе ги носам одлуките за инвестиции“. Колку и да не сакаме во мала држава политичките влијанија и амбиентот што се создава многу влијаат врз економските апекти. Така што, кратко кажано, сите избори негативно влијаат врз економијата.