Посетителите на виенската зоолошка градина „Шонбрун“ секој ден можат да уживаат во дуетот на мајмуните Рао и Сипура. Тие се од расата гибони, кои во животинскиот свет се нарекуваат и шумски пејачи. Тој загрозен вид животни сега се прогласени за „ЗОО животни за 2019 година“.
– Гибоните спаѓаат во групата мали мајмуни. Многу луѓе не се свесни за нивното загрозување како што е тоа случај со големите мајмуни, орангутани или горила – вели Регина Крамер, кустос за заштита на видовите животни во зоолошката градина во Виена.
Секоја година Зоолошкото друштво за заштита и популација избира „ЗОО животно на годината“ за да се сврти вниманието на загрозените видови.
Во зоолошката „Шонбрун“ во Виена живее семејство белораки гибони: Рао и Сипура со Саја, родена во август 2017 година. Гибоните се моногамни, ги бранат своите граници со енергично визуелно и вокално изразување. Можат да се слушнат и на далечина од околу еден километар, а во тоа се здружуваат во дует со партнерот, во што некогаш се придружуваат и младите.
Постојат вкупно околу 20 видови гибони. Сите се под сериозна закана за изумирање. Главната причина е сечењето на шумите во југоисточна Азија. Проблем претставува и ловот.
Кампањата „ЗОО животно на годината“ поддржува два проекта на отворено: прибежиште во Лаос, каде што обучени ренџери се борат против ловџиите и шумско подрачје во Виетнам, каде постои подрачје за гибони од 120.000 хектари. Зоолошката градина во Виена финансиски ги поддржува двата проекта.
ФОТО: МИА