Претставник на македонското Министерство за надворешни работи денеска во попладневните часови во Атина го доставил македонскиот нацрт-договор за решавање на спорот околу името, информира на денешната прес-конференција шефот на македонскатаа дипломатија Никола Димитров.
Тој нагласи дека на македонскиот нацрт-договор интензивно се работело изминатите денови. Тоа, рече, не било објавено досега затоа што се чекало тој да биде изработен.
– Учејќи од лекциите од целиот процес, одлучивме дека е подобро да сработиме отколку да најавуваме и затоа сега кога тоа е направено, го објавуваме – рече министерот Димитров.
Шефот на македонската дипломатија потврди дека македонската страна, исто така, го добила грчкиот нацрт-договор и притоа потенцира дека има разлики во она што го содржи и македонската нацрт-спогодба што била испратена во Грција, иако не сакаше да отктива повеќе детали. Смета оти не е корисно да открива детали од спогодбите затоа што, како што рече, обраќањето преку медиумите може да го комплицира процесот.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има рок до кога треба да се одговори, односно да се достават забелешки на двете спогодби, тој рече дека такви рокови нема и оти разговорите по нивната содржина ќе бидат отворени уште при посетата на грќкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас најавена за четврток.
– Грчката нацрт-спогодба е предмет на анализа во овој период. Секогаш кога комуницираме преку медиуми работата се компликува. Чесно е да кажам дека има разлики и се надеваме дека ако мислиме заеднички на една цел ќе успееме тие разлики да ги надминеме – порача тој.
Со ова, како што рече министерот, комуникацијата што досега се одвивала претежно низ усен дијалог, влегува во фаза на размена на пишани документи.
– Целта е да се најде едно одржливо достоинствено решение за надминување на разликата околу името, да се направи дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција – рече Димитров.
Уверен е дека доколку и другата страна сака надминување на разликите околу името на Македонија, тоа е можно да се постигне. Ние, рече тој, сме подготвени да одиме напред.
– Го затворивме прашањето со Бугарија, преку договорот, сакаме да се реши и овој спор со Грција. Време е регионот да исчекори и да порасне – истакна Димитров.
Шефот на македонската дипломатија рече дека со нетрпение и со задоволство ја очекува посетата на неговиот колега од Грција, Никос Коѕијас, кој во четврток ќе допатува во земјава.
За в петок, како што нагласи Димитров, Коѕијас ќе има и повеќе средби со македонскито државен врв, а на 30 март во Виена двајцата министри ќе имаат средба со медијаторот на ОН Метју Нимиц.