ВМРО ДПМНЕ поднесе кривични пријави против лицата Талат Џафери, Неџбели Ибраими и Мартин Костовски, поради основано сомнение дека извршиле кривични дела „Злоупотреба на службената должност и овластување“ по член 353, „Злосторничко здружување“ по чл.394 и „Саботажа“ по чл.315 од КЗ.Законот за двојазичност е штетен и ќе предизвика далекусежни последици по Република Македонија, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
– Џафери, Ибраими и Костовски, свесно и со целосна умисла извршиле низа кривични дела при што ја злоупотребиле службената положба и овластување и го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на државата. Истите на нечесен и подмолен начин, спротивно на уставот и законите овозможиле објавување на законот за двојазичност без потпис од претседателот на Републиката, со што се воведува неуставна двојазичност. Власта, иако свесна дека врши противправно дејствие и дека законот за двојазичност е неуставен, факт кој беше нотиран и од претседателот на државата, но и од страна на многубројни еминентни правници одлучи да продолжи насилнички и незаконски – рече Јанушев.
Тој додаде дека Законот за двојазичност во Службен весник е пратен само со потпис на Талат Џафери, што е правен преседан и целосно безаконие, бидејќи уставот стриктно пропишува дека указ за прогласување на закон не може да биде спроведен без потпис на претседателот на Република Македонија.
– Џафери не можел и не смеел да го испрати законот за објавување, а Ибраими, во својство на техничка служба немал никакво овластување да потпише. Костовски е одговорен бидејќи не смеел да објави указ за прогласување на закон без потпис на претседателот. Џафери, Ибраими и Костовски извршиле свесно загрозување на уставниот поредок бидејќи јасно е пропишана процедурата за прогласување на законот. Пријавените, свесно спротивно на Уставот на Република Македонија, со прогласувањето и стапувањето на силата на Законот за употреба на јазиците, воведуваат двојазничност на цела територија на Република Македонија, со што го рушат Уставниот поредок на државата – рече Јанушев.
Тој го повика Јавното обвинителство веднаш да постапи по кривичната пријави за да се елиминираат штетите по државата нанесени од страна токму на Џафери, Ибраими и Костовски.
Јанушев информира дека подготвуваат и поднесокот до Уставен суд кој во понеделник ќе биде процесуиран, а со кој ќе побараат испитување на уставноста на законот за двојазичност, но истовремено бараат и изрекување на времена мерка за стопирање на имплементацијата на законот.