Кекеновски: Џафери требало да знае дека Законот за јазици се носи со двојно мнозинство ФОТО

1317

Професорот Јове Кекеновски денеска поднесе иницијатива пред Уставниот суд со која бара да се преиспита законитоста и уставноста на Законот за употреба на јазиците.

Тој вели дека освен содржината на Законот, ја оспорува и постапката со која беше донесен овој закон, а најспорен, според Кекеновски, е начинот на кој што беше изгласан. Кекеновски, додава дека претседателот на Собранието Талат Џафери и стручните служби во законодавниот дом требало да имаат предвид дека за усвојување на Законот за јазици е потребно двојно мнозинство, односно и двотретинско мнозинство и бадентерово.

– Претседателот на Собранието, како и останатите собраниски органи и служби морале да го имаат предвид фактот дека за да биде усвоен Законот потребно е двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има и мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија, а не да биде усвоен со 69, што значи дека треба со 80 пратеника – вели Кекеновски.

Професорот објаснува дека со усвоениот Закон за јазици се надминуваат рамките на амандманот 5 или поранешен член 7 кој што е во врска со амандманот 18, меѓутоа се врши и повреда на темелните вредности на Република Македонија, поточно член 8 алинеја 3 и алинеја 9.

– Или, ако сакате да бидам појасен, тоа е владеење на правото и локалната самоуправа- вели Кекеновски.

Професорот Кекеновски го истакнува и фактот дека законот не е потпишан од претседателот Иванов и дека не биле предвидени неговите забелешки, а ниту биле земени предвид амандманите на пратениците.

– Прекршен е и ставот 2 на членот 173 од Деловникот за работа на Собранието затоа што од денот на усвојување на Законот, значи од 11 јануари 2018 година и неговото трето читање и усвојување на 14 март 2018 година, поминати се повеќе од 60 дена, а  Деловникот налага да поминат 30 дена, што значи требало да има нова процедура и отпочнување на целата постапка од почеток – вели Кекеновски.

Тој потенцира дека се работи за Закон со чие имплементирање можат да настанат последици кои многу тешко ќе се отстранат и затоа професорот се повикува на членот 27 од Деловникот за работа на Уставниот суд.

– Оттаму, барам при постапувањето додека не се донесе конечната одлука по иницијативата, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувања на поединечните акти или дејствија кои произлегуваат или се преземаат врз основа на Законот што е објавен, за да не настанат несогледливи последици што не можат да бидат отстранети – изјави професорот Кекеновски, откако ја достави иницијативата до Уставниот суд.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...