Вчера ви пишував за електронскиот хаос на администрацијата. Еве ви уште еден пример. Како изгледаше електронското регистрирање во електронскиот даночен систем во Македонија? Кога се регистриравме во тој систем, требаше да се пријавиме онлајн, да ја отпечатиме пријавата и да застанеме во редиците во УЈП и да ја презентираме на службеникот зад пултот.
Уморен и под стрес, со последни сили, службеникот се обидува да биде љубезен. Со половина уста, со краток здив, тој замолува да му приложите документ за идентификација, држејќи го печатот. Брзо погледнува во вас, потоа во документот и личната карта и го удира печатот. Не испушта да каже „благодарам и пријатно“, но погледот му е веќе кај следниот во долгата редица. Ете, така изгледаше електронското пријавување во електронскиот даночен систем.
Што со оние што немаат компјутер дома? Што со оние што ги немаат вештините за онлајн комуникација? Па, системот паѓаше толку многу пати, што и оние со супер вештини и оние со добри компјутери и телефони имаа тешкотии да се регистрираат, за оние со поскромни можности и вештини и да не говориме! А, по регистрирањето онлајн, повторно имате печатење, потпишување, одење пешки, стоење во редица и… Неговото височество: Печатот!
Како тоа изгледа во една уште посериозна, ако не и најсериозна сфера – изборите? Деновиве, ДИК говори за воведување нови технологии во изборните процеси. Што значи овој софистициран израз? Тоа би подразбирало електронско гласање, биометриска верификација на гласачите, автоматизација на целиот изборен процес… Фантазија. Особено за некој што ги сака новите технологии. Но, од овој сон лесно се будиме, соочени со македонскиот електронски надреализам.
Едноставно, системот во Македонија продуцира такви апсурдни решенија, што ни малку не им се смешни на оние што треба да се користат, но тоа не ја намалува комичноста на ситуациите во кои се наоѓаме секојдневно. Живееме во земја со најбрз и најдостапен интернет во регионот, а конкурентни сме и во европски размери, а системот не функционира. (И интернет услугите често се ужасно лоши, но за тоа во следната епизода…)
Најголема бенефиција од тоа има администрацијата на која ѝ е најлесно да се повика на содржината што се појавува на студениот компјутерски монитор. Компјутерот стана тотем на некој невидлив и семоќен бог, чиј авторитет не смее да се доведе во прашање, никако! Не е виновна администрацијата, системот падна. Не е виновна Државна изборна комисија, те нема во Избирачкиот список што е подготвен со електронски вкрстувања на дата бази, според највисоки технолошки критериуми.
Па така, цел еден претседател на Собранието не можеше да гласа на Референдумот минатата година. И не беше само тој. Илјадници гласачи излегуваат лути и навредени од избирачките места на секој изборен процес. Ако системот е електронски, веднаш мора да значи дека е непогрешен (за верниците: безгрешен).
Веб страниците на безброј институции се нефункционални, а голем дел од оние што функционираат се небезбедни. А основните нивоа на сајбер безбедноста се евтини и релативно лесни. Имајќи го ова предвид, се наметнуваат непријатни прашања, ама кој да ги слушне и одговори…
Како да очекуваме државата да создаде изборен систем што ќе биде електронски и функционален? Како да веруваме дека тоа ќе биде систем што не греши, намерно или ненамерно?
Да се разбереме, приврзаник сум на новите технологии, тие се иднината на овој свет. Самиот сум корисник на новите технологии до ниво што моите блиски ме критикуваат секојдневно по десетина пати. Еден другар ги нарекува таквите како мене „озрачени“. Постојано сум пред некаков монитор или дисплеј (најмалку 12 часа дневно).
Дајте да се разбудиме од сонот и да се соочиме со реалноста, бидејќи таа е прво „аналогна“, а потоа сѐ друго… Луѓето прво направија песочен часовник, а многу подоцна и негова компјутерска анимација. Да не ги споменувам дел од скандинавските земји во кои електронското гласање и автоматизацијата на изборниот процес се напуштаат од многу причини.
Живееме во време кога сајбер војната е во полн ек. Еден од најжестоките напади што може да ги изврши некоја држава или друг вид на структура (со многу пари) е електронскиот напад врз изборниот процес во една земја.
Во овој контекст, сајбер војната е најголемиот непријател на демократијата. Откако ќе се влезе во заштитената зона на системот, може многу лесно да се манипулира со изборните резултати. Трагите се тешко видливи, а истрагите долго траат. За тоа време, арамиите во физичкиот простор ќе ни го загорчуваат животот (и понатаму).
Електронско гласање… Автоматизиран изборен процес… Хм… Наместо физичко кршење и полнење на гласачките кутии, семејно гласање, сликање на гласачкото ливче, пропаганда на избирачките места, лажни изборни набљудувачи и други ѕверки и ѕверчиња на денот на гласањето, ќе имаме сајбер криминалци што ќе ги полнат електронските гласачки кутии, на пример. Од измамнички изборни процеси ќе напреднеме во електронски, автоматизирани измамнички изборни процеси… Чиста работа!
ПС. Имам уште за пишување на оваа возбудлива сајбер тема. До следната епизода на Жолтко и Лутко!