МАНУ: Не може да се преговара за идентитетот и промена на Уставот

Прифаќањето на еrga omnes (едно име за севкупна употреба значи едно име и за меѓународна и за внатрешна употреба) би значело промена на Уставот на Република Македонија, промена на имињата на нашите институции, ревизија на сите меѓународни договори во кои се користи уставното име на земјата. Според тоа, ваквото решение е фактички невозможно и неостварливо. 

462

Македонската академија на науките и уметностите апелира за изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името и ги охрабрува политичките водства на Македонија и на Грција да ја преземат одговорноста и храбро да се соочат со реалностите на времето и потребата за градење на перспективи за заедничка иднина, истакна претседателот на МАНУ Таки Фити во своето експозе на Годишното собрание на Академијата.

Тој рече дека аргументацијата на Македонија во разговорите со Грција треба да се базира на два основни постулата.

– Едниот е дека наспроти аспирациите на Грција спорот за името да го димензионира во интернационален, тој според својата природа и суштина е билатерален (досега 137 земји не имаат признаено под уставното име) и за него се преговара под покровителство на ООН, што е гаранција дека мораат да бидат почитувани нормите и стандардите на ООН за меѓународниот статус на државите и човековите слободи и права. Другиот е дека предмет на расправа е само и единствено името, односно надминување на разликата за името на државата, а не и други прашања, особено не и идентитески прашања кои влегуваат во сферата на елементарни човекови права и за кои не се преговара – истакна академик Фити.

Оттука, како што рече, никој нема легитимно право да преговара за прашањето за националниот идентитет на македонскииот народ, за името на македонскиот јазик, за промената на Уставот на Република Македонија и за други прашања што навлегуваат во нашиот идентитет.

– Предлозите името Република Македонија, или евентуално име со географска одредница, да се изговара како во македонскиот јазик и да се пишува само со латинско писмо, односно името на јазикот, македонски исто така да се пишува со латинско писмо и да се изговара како што тоа се прави во нашата земја, се апсурдни и неодржливи. Тие суштински гледано навлегуаат во идентетските прашања и според тоа за нас се комплетно неприфатливи. Во ОН и нејзините органи и институции како работни јазици се користат само оние што како такви се изречно утврдени. Оттука Македонија во овој поглед би била исклучок, преседан и тоа би претставувало прекршување на нормите во Повелбата на ООН – рече Фити.

За позицијата на Република Грција едно име за сите употреби (erga omnes) не треба да се разговара бидејќи, како што рече, тоа не е предвидено ниту со Резолуцијата 837, ниту со Законот за ратификација на Привремената спогодба.

– Прифаќањето на еrga omnes (едно име за севкупна употреба значи едно име и за меѓународна и за внатрешна употреба) би значело промена на Уставот на Република Македонија, промена на имињата на нашите институции, ревизија на сите меѓународни договори во кои се користи уставното име на земјата. Според тоа, ваквото решение е фактички невозможно и неостварливо – нагласи Фити.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...