Обвинителството отвори истрага против петмина што шверцувале дрога

64
Јавното обвинителство ќе спроведе истрага против пет лица – двајца македонски и тројца албански државјани за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

По предлог на Обвинителството, Судот на петтемината осомничени им определи 30-дневен притвор.

– Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истрага против пет лица – двајца македонски и тројца албански државјани. Постои основано сомневање дека лицата сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори – соопшти денеска Обвинителството.

Осомничените, како што е наведено во соопштението, неовластено заради продажба купувале и пренесувале наркотична дрога – марихуана.

– По претходен договор, македонските државјани изнајмиле возило со кое требало да се подигне дрогата. Откако била извршена исплата за пратката, еден од осомничените со изнајменото возило се упатил кон договореното место во близина на граничниот премин Блато. Според насоките, тој ги подигнал двете торби што биле оставени од други лица, а во кои била спакувана дрогата и се упатил кон Дебар каде требало повторно да се сретне со двајца од осомничените албански државјани. Движејќи се низ улиците на Дебар, осомничениот видел полициски пункт, го оставил изнајменото возило и влегол во такси возило со цел да продолжи кон договореното место за средба, но такси возилото било запрено од полициските службеници. Во присуство на осомничениот е извршен претрес на оставеното возило и е пронајдена дрогата со вкупна нето маса од 20,2 килограми – велат од Обвинителството.

Oбвинителот до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 доставил предлог за определување мерка притвор за сите осомничени. Ваквиот предлог Судот го прифатил, па со решение на петтемина осомничени им определил притвор во траење од 30 дена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...