Со ова, по добиената доверба од Парламентот, вниманието на грчката Влада сега се насочува кон Договорот од Преспа и пратениците кои што би гласале за негова ратификација.
По завршувањето на гласањето, грчкиот премиер во изјава за медиумите рече дека владата со добиената доверба ќе го заврши четиригодишниот мандат со едниствен критериум интересите и потребите на грчкиот народ, јави дописничката на МИА од Атина.
-Парламентот даде глас на доверба за стабилност, даде глас на доверба за напорите за враќање на меѓународниот кредибилитет на земјата. На владата која веќе ја промени Грција и која ќе продолжи до завршувањето на нејзиниот уставно одреден мандат со единствен критериум потребите и интересите на грчкиот народ, потребите и интересите на Грција, рече Ципрас.
Гласањето помина како што беше очекувано и најавувано. За доверба на владата, освен 145те пратеници од СИРИЗА, гласаа четворица независни пратеници и двајца од Независни Грци, односно владата ја поддржаа: министерката за туризам, Елена Кундура, заменик министерот за земјоделство, Василис Кокалис, кои до неодамна беа дел од Независни Грци, заменик министерката за цивилна за заштита, Катерина Папакоста, која е независен пратеник, пратениците од Независни Грци, Костас Зурарис и Танасис Папахристопулос, и сега веќе независниот пратеник, а до завчера член на Река, Спирос Данелис.
Сите пратеници од опозициските партии, Нова демократија, Движење на промена, Златна зора, Река, Сојуз на централисти, Комунистичката партија на Грција, гласаа против.
Од Независни Грци, со исклучок на Зурарис и Папахристопулос, останатите членови на пратеничката група беа против доверба на владата.
Непосредно пред гласањето, зборот го имаше грчкиот премиер Алексис Ципрас кој меѓу другото се задржа и на Договорот од Преспа. Ги извести пратениците дека Грција ја примила Вербалната нота од македонското МНР во која се соопштува дека се исполнети обврските согласно договорот, но и му се обрати на лидерот на Нова демократија и го повика на дијалог за Договорот од Преспа или во Парламентот или на некоја телевизија.
Претседателот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија во неговиот говор порача дека „тој што гласа “за”, го отвора пат за наводниот македонски идентитет и јазик за соседите, како што предвидува Договорот од Преспа“ и му порача на Ципрас „да ги заборави експресните процедури и тајните методологии за да го помине штетниот Договор од Преспа”.
На дводневната расправа во парламентот за обновување на довербата на владата, се обратија лидерите на политичките партии и грчкиот премиер, како на почетокот на седницата, така и на крајот. Жестоката дискусија се водеше и во однос на економијата, но и во однос на Договорот од Преспа.
Министрите од владата, како и пратениците од владејачката СИРИЗА, секој со свои аргументи цврсто го поддржаа решението меѓу Македонија и Грција, говореа зошто е корисен Договорот од Преспа, но и зошто владата треба да добие доверба и да го заврши четиригодишниот мандат.
Спротивно на нив, лидерите на опозициските партии, како и нивните лидери и пратеници, образложија зошто не ја поддржуваат владата, но и Договорот од Преспа, а повеќето од нив, рекоа дека во овој момент единственото и најдобро решение за земјата е распишување парламентарни избори.
ФОТО: EPA-EFE / NIKOS ARVANITIVIS