Постигната е согласност меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата околу Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси. СДСМ прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката од СДСМ и коалицијата, Снежана Калеска – Ванчева истакна дека останале доследни во одбраната на европските стандарди за воспоставување ефикасни механизми за спречување и борба против корупцијата.
– Од 40 амандмани кои беа доставени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, најдовме согласност за 20 амандмани коишто се во функција на зајакнување на текстот на одредени одредби и истите заеднички ги поднесовме. СДСМ од почетокот остана доследна за зајакнување и проширена надлежност на Државната комисија за спречување на корупција, и од оваа заложба не отстапивме. Прашањата за директен увид во сметките на носителите на јавни функции, е затворено. ДКСК ќе има право до директен пристап до банкарските сметки, но и во над 60 други бази на податоци. Не се дозволи воспоставување на паралелен систем, односно орган коишто беше предлог од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, преку барањето за формирање на национален совет – рече Калеска – Ванчева.
Пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочи дека прифаќањето на амандманите е показател дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да блокира вакви битни процеси, туку дека има сериозен пристап да дејствува за подобрување на сите процеси кои се одвиваат во општеството.
– Драго ни е што владејачкото мнозинство го послуша нашиот апел и беа земени предвид нашите амандмани се со цел да се донесе што е можно поквалитетен закон за формирање на Државна комисија за спречување на корупција и судир на интереси. Задоволни сме што владејачкото мнозинство конечно сфати дека на Република Македонија и е потребна квалитетна и пред се професионална антикорупциска комисија што ќе работи сериозно и без било какви политички влијанија -потенцира Лашкоска.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за телевизија Телма истакна дека се надева оти Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, за кој се дебатира во Собранието, ќе донесе малку свеж воздух во борбата против корупцијата, бидејќи, како што посочи, Антикорупциската комисија е многу важна, треба да ја добие моќта и овластувањата кои и следуваат, да добие ресурси и експерти кои ќе се занимаваат со имотот на политичарите и ќе истражат доколку некои политичари се побогати од тоа што реално заработуваат.
– Мислам дека таа комисија е многу важна, не функционира веќе многу месеци и навистина со нетрпение чекаме овој закон да стапи на сила и новата комисија да почне со работа колку што може порано. Значи ова едно поле каде што можеби ќе видиме поголема борба против корупцијата, против јавните функционери и политичарите. И се разбира, Специјалното обвинителство и Јавното обвинителство треба повеќе да се фокусираат на борбата против корупцијата кај политичарите без оглед од која партија доаѓаат од власта или од опозицијата – рече Жбогар.
Во меѓувреме, претседателот на Собранието, Талат Џафери за утре во 16 часот го закажа продолжението на 80-тата седница на која ќе се расправа за Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси во скратена постапка, со европско знаменце. За дискусија се пријавени неколку пратеници.