Прехранбени продукти и неопходни средства денеска им се доставени на жителите од селата Танушевци, Брест и Малино Маало кои се отсечени заради обилните снежни врнежи.
Центарот за управување со кризи во координација со Армијата на Република Македонија и со припадници на Црвениот Крст, денеска спровеле акција и со хеликоптер на АРМ ги доставиле сите неопходни продукти во овие села.
„Екипите на тимовите што ги координираше ЦУК до овие населени места кои се отсечени заради обилните снежни врнежи пристигнаа со хеликоптер на АРМ и остварија контакти со населението и заради утврдување на нивните потреби од здравствени интервенции“, се наведува во соопштението од Владата.
Во акцијата учествувале и стручни лица од ЕВН Македонија заради проверка на далекуводот за санирање на проблемите со струја.