Откриена меѓународна криминална група која олеснила сефови на две банки во Македонија

1358

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за кражби во сефови во македонските банки. Станува збор за меѓународна криминална група во која осомничени се седум лица: четворица Украинци и по еден државјанин на Молдавија, Казахстан и на САД. Тие се осомничени за делата тешка кражба и злосторничко здружување.

– Осомничените во Република Македонија извршиле 19 тешки кражби од граѓански сефови во филијали во Скопје на две банки. Притоа тие се стекнале со против правна имотна корист од 105.638.858 денари (околу 1,7 милиони денари) во пари, накит и други вредни предмети – велат од Обвинителството.

Во периодот од јули до ноември 2017 година, осомничените извршиле закуп на граѓански сефови во различни банки на различни места во Скопје со цел да ги проценат околностите и системот на безбедност во банките.

– Притоа користеле лажни идентитети и во одреден период секојдневно ги посетувале филијалите во кои имале закупени сефови. Искористувајќи момент без присуство на службено лице, со специјални уреди ја снимале внатрешноста на бравите на сефовите и потоа изработувале клучеви – калаузи за нивно отворање. Одземените вредни предмети од сефовите биле изнесени од Република Македонија, поединечно од секој член на групата, на различни гранични премини и во различни временски периоди. Оваа криминална група на истиот начин извршила тешки кражби и во други земји – посочуваат од обвинителството.

До овој момент, наведуваат оттаму, еден од осомничените е лишен од слобода во Латвија, додека двајца се уапсени во Таџикистан.

Надлежниот јавен обвинител од Скопје преку меѓународна правна помош испратил барање за прибирање податоци и доказен материјал до надлежните институции во овие земји.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...