Двајца скопјани завршија во притвор откако против нив Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за трговија со дете. Жртва им била 16-годишна девојка која ја терале да има сексуални односи со други лица за пари и на која и набавувале дрога.
– Осомничените во поединечни случаи, најпрвин го прифаќале и засолнувале 16-годишното девојче, а потоа го подведувале на вршење полови дејствија со други лица за одреден паричен надоместок. Исплатените пари за услугите што ги пружала оштетената ги земале осомничените, а за возврат и обезбедувале престојувалиште и ѝ набавувале опојни дроги – велат од Обвинителството.
Откако случајот во обвинителството го пријавиле од МВР, обвинителот дал наредба и за судско-медицинско и невропсихијатриско вештачење на оштетената малолетничка.
Министерството за труд и социјална политика веднаш, пак, во координација со МВР, ги презеле сите неопходни мерки за заштита и психосоцијална поддршка на малолетната жртва. На девојката ѝ се направени сите потребни лекарски прегледи и во моментот е сместенa во соодветна институција.