Барбареев од штипскиот Универзитет Амбасадор на најдобрите екс ју наставници

133

Кирил Барбареев, универзитетски професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, е прогласен за Амбасадор на најдобрите наставници од екс југословенските простори. Тој е добитник на Драгманов медал за европска комуникација, односно награда за чест, што се доделува како благодарност за придонес на академската заедница, но и како морална обврска и понатаму со академската работа да ги шири идеите за европско единство.

Барбареев за МИА појаснува дека станува збор за признание, кое го добива од невладина организација „Најдобри наставници од екс југословенски простори“, чиешто формирање е на самиот почеток, но веќе има голем интерес од страна на наставниците од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Новата невладина организација ја формираат наставници од поранешните југословенски републики, кои во текот на минатите години се најдоа на листата меѓу 50 најдобри наставници во светот, а еден од основачите и коишто ја почнаа оваа иницијатива е наставничката Весела Богдановиќ од Македонија.

– Јас сум дел од оваа организација, заедно со наставничката Богдановиќ, која е и еден од основачите, а  сум прогласен за амбасадор, којшто ќе ја промовира работата и ќе бидат дел од тимовите.  Функционирањето во моментов е на волонтерска основа. Има многу заинтересирани наставници, првата средба ќе биде во Загреб од 1 до 3 Март, вели Барбареев.

Тој забележа дека идејата е да се вмрежат наставниците од овој регион, да има поголема соработка меѓу нив и секоја година да има научни конферекции, со цел да се споделуваат искуства во делот на образованието и воспитанието на учениците и децата од претшколска возраст.

– Идејата е и да се повикуваат и надлежните од Министерствата за образование да бидат дел од тие конференции и да се изгради една култура на заедничка соработка и на почитување. Мислам дека има простор оваа идеја и да успее – додаде Барбареев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...