Меј: Го слушнавме Парламентот, но да го слушаме и народот

320
ФОТО: EPA / ANDY RAIN

Британската премиерка Тереза Меј по синоќешното гласање на кое пратениците го одбија Договорот за Брегзит, изјави дека го слушнала мислењето на Парламентот, но дека е битно да се слуша и волјата на британскиот народ.

– Секој ден што ќе мине без решение за овој проблем значи и поголема несигурност, повеќе огорченост и поголема омраза – истакна Меј.

Таа нагласи дека пред да го преземе следниот чекор, прво ќе почека да види дали нејзината Влада ужива доверба во Парламентот, на денешното гласање на пратениците за недоверба на владиниот Кабинет.

– Јасно е дека Парламентот не го поддржува овој договор. Но, гласањето не ни кажува што поддржува. Тоа не ни кажува како или дали воопшто (Парламентот) има намера да ја почитува одлуката што бритинскиот народ ја донесе на референдумот (за Брегзит) – додаде Меј.

Долниот дом на британскиот Парламент синоќа со 432 гласа „против“ и 202 „за“, го отфрли Договорот за истапувањето на Велика Британија од ЕУ, што лани во ноември го постигнаа Владата на Меј и Брисел.

По одбивањето на договорот, лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин ги повика пратениците да ја урнат Владата на Меј.

Британските медиуми оценуваат дека сега Владата на Меј има време до понеделник да пронајде „план Б“ за Брегзитот, предвиден за 29 март.

Доколку не биде пронајдено друго решение, можно е Велика Британија да ја напушти Унијата без договор за идните односи меѓу двете страни, што предизвикува неизвесност и стравувања од можен хаос.

ФОТО: EPA / ANDY RAIN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...