Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Поградец, Република Албанија, имаше работна средба со министерот за внатрешни работи на Албанија Сандер Лешај.
На средбата се разговарало за воведувањето на заеднички контроли на надлежните органи на Република Македонија и Република Албанија на патниот граничен премин Ќафасан-Ќафтане, што ќе овозможи забрзување на протокот на патници, стока и превозни средства.
„Ваков проект т.н. „One stop control“ е во завршна фаза пред имплеметација со Република Србија, на граничниот премин Табановце-Прешево, а од примерите во земјите каде веќе функционира евидентно е дека се преполовува времето на чекање на граѓаните, а се штедат и ресурси. Ваков проект Албанија веќе има воспоставено со Црна Гора и со Косово“, се наведува во соопштението.
Министрите Спасовски и Лешај се договориле да се преземат неопходните активности за овој проект да биде завршен до 1 април 2019 година. Спасовски информирал дека македонските власти ги преземаат неопходните мерки за да се подобрат условите и инфраструктура на граничниот премин Требиште-Џепиште.
Министерот Лешај зборувал за идејата за овозможување на слободно движење на граѓани, патници и стоки на границата, како и за подобрување на размената на информации за границата со други држави. Тој посочил дека за оваа идеја ќе се разговара и со другите земји од Западен Балкан, кои се добредојдени да се приклучат и да ги прифатат заедничките предности од воспоставување на заеднички премини.