МНР ѝ одговори на руската дипломатија

434

Министерството за надворешни работи на Република Македонија со жалење констатира дека и покрај толку горливи проблеми во денешниот свет, Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската федерација повторно, во негативен контекст, апострофира автентични политички процеси во две соседни земји, кои водат кон решавање на проблеми, зацврстување доверба и градење пријателство, се вели во соопштението од МНР.

Реакцијата на МНР е по повод коментарот на Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската федерација од 14 јануари 2019 година, во врска со усвојувањето на измените на Уставот.

„Измените на Уставот согласно Договорот од Преспа, усвоени во Собранието со целосно почитување на предвидената собраниска процедура и Уставот на Република Македонија, кои ја рефлектираат консензуалната определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија, добија неподелена поддршка од пошироката меѓународна заедница, како чин на политичка храброст, одговорност и лидерство, со кој се решава долгогодишен билатерален проблем кој ги оптоваруваше односите меѓу Република Македонија и Грција.

Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни, туку суштински придонесува кон регионалната стабилност, пријателство и соработка, и како таков претставува  пример и модел за решавање на отворени прашања меѓу државите.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија е уверено дека иднината ќе ја потврди исправноста на овој пристап, кој претпочита политичко визионерство и лидерство, како и дека придобивките за регионалната стабилност и просперитет ќе бидат прифатени и валоризирани од сите страни, вклучително и од пријателската Руска Федерација“, се вели во реакцијата на МНР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...