Доцна синоќа имавме можност да го видиме вистинското лице на владината коалиција на СДСМ и ДУИ која себеси се смета за проевропска, реагира претседателот Ѓорге Иванов откако Талат Џафери ги испрати, а Службен весник ги објави без потпис на указот од Иванов, Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на спогодбата од Преспа.
Претседателот е дециден дека со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен членот 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење.
– Ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото. Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони? Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави? – вели Иванов.
ФОТО: EPA/NAKE BATEV