„Траекторија“ одложена за 17 април

168

Судењето за предметот „Траекторија“ на СЈО што требаше да продолжи денеска во Кривичниот суд, е одложено за 19 април.

Судијата Горан Бошевски образложи дека денешното рочиште нема да се одржи бидејќи адвокатот Димитар Дангов како бранител на пратеникот Љупчо Димовски треба да оди на рочиште во Врховен суд каде ќе се разгледуваат жалбите за притворите на обвинети за насилствата во Собранието на 27 април лани.

Во предметот „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Сите обвинети дојдоа на денешното рочиште на кое требаше да бидат разгледани материјалните докази.

Судијата Бошевски на претходното рочиште го одби како неоснован предлогот на одбраната СМС-пораките да бидат отфрлени како докази во постапката, бидејќи тие не можат да се ценат во оваа фаза, како и барањето аудиоснимките и вештачењата да не се користат во постапката како материјални докази поради неможноста да се потврди нивната автентичност.

Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Тие пред Судот се изјаснија дека го разбрале обвинителниот акт и предлог, но оти не се чувствуваат за виновни.

Според СЈО со противправното дејствување на обвинетите кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.

Адвокатите, пак, тврдат дека ќе доакажат оти со околностите и податоците со кои располагале обвинетите при носење на одлуките не е направено противзаконско дејствие.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...