Најголемиот судски предмет за „крвавиот четврток“ во Собранието на Република Македонија продолжува денеска против 18 од првично 33 обвинети, откако согласно Законот за амнестија донесен во декември минатата година амнестирани беа 15-мина обвинети.
Судскиот процес се наоѓа во завршна фаза и треба да продолжи со изнесување на завршни зборови. На обвинителна клупа остануваат петмината кои не побараа амнестија: екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, началникот во МВР за специјални операции Душко Лазаров, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Јане Ченто и Игор Југ од патриотските здруженија.
Заедно со нив се и 13 обвинети чии барања за амнестија беа одбиени од Кривичниот суд, а тие се: Горан Јошевски-Леви, Александар Василевски-Нинџа, Горанче Ангеловски Ќосето, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Никола Митревски-Кољо, Вилијам Михајловски, Митко Пешов, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Младен Додевски, Влатко Трајков, Оливер Поповски.
Тие имаа право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје, на дел од нив од Апелација веќе ги одби (на Александар Василевски-Нинџа, Горанчо Ангеловски-Ќосето, Младен Додевски, Никола Митревски-Кољо, Оливер Поповски), додека за останатите официјално не се познати одлуките за жалбите на второстепениот суд. Немањето одлуки се уште, може да биде и причина да се одложи денешното рочиште и истото да се презакаже, со цел обвинителката да има заврши зборови откако конечно ќе се знае дали уште некој ќе биде амнестиран или не.
15-мината кои, пак, добија амнестија за овој случај се: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Случајот „27 април“ почна во август минатата година против вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Во рамки на доказната постапка беа сослушани околу 50 сведоци, како и еден загрозен сведок, на чие сведочење беше исклучена јавноста. Како сведоци беа сослушани актуелниот премиер Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, владиката Пимен и други.
ФОТО: МИА