Македонската ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз на Светското првенство откако убедливо беше поразена од селекцијата на Хрватска со 31:22.
Бекот на ракометната репрезентација на Македонија, Филип Лазаров, по поразот од Хрватска, изјави дека противникот одиграл перфектен натпревар и дека покажал дека се поквалитетна репрезентација од нашата.
– Бевме во игра до 50-тата минута, меѓутоа не го одигравме овој натпревар како што треба, не исполнивме некои многу лесни задачи. Промашувавме зицери, празни голови, грешки, секој по една-две. Требаше да одиграме перфектен натпревар денеска за да се надеваме на нешто. Мислам дека тој перфектен натпревар го одигра Хрватска и покажаа дека се поквалитетни од нас. Ние не го исполнивме тоа што требаше за да останеме во игра за победа во овој меч – изјави Лазаров по мечот.
Тој додаде дека поразот го оставаат зад себе и првенството оди понатаму, а целта на „жолто-црвените“ останува следната фаза.
Македонија утре одмара, а веќе во среда во 20.30 часот излегува против Шпанија.