Руско МНР: Промената на името не е одраз на народната волја

Ова прашање мора да биде разгледано од Советот за безбедност на ОН во согласност со точка 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН, соопшти руското МНР.

2412

Русија смета дека менувањето на името на Република Македонија на ваков начин не претставува одраз на волјата на народот и не може да биде прифатено како решение, соопшти руското Министерство за надворешни работи во врска со гласањето за уставните измени во македонскиот парламент.

Соопштението го пренесуваме во целост:

„На 11 јануари Собранието на Република Македонија изгласа уставни амандмани за преименување на државата во согласност со Преспанската спогодба. Очигледно е дека наметнатиот од надвор процес на вештачко редефенирање на државното име со цел да се забрза приклучувањето на Скопје кон НАТО, продолжува. Ова се случува спротивно на македонското законодавство. Ставот на претседателот на Република Македонија и мислењето на мнозинството на населението, кои ја отфрлаат „Преспанската зделка”, се игнорираат.

Континуираните протести во Скопје и во другите македонски градови сведочат за длабока поларизација во општеството. Очигледно е дека ваков начин на решавање прашања од национално значење за иднината на земјата не ја одразува волјата на нејзиниот народ и не може да служи како алатка за изнаоѓање долгорочно решенеие на проблемот со државното име.

Убедлив доказ за експлозивноста на ситуацијата која може да ги загрози стабилноста и безбедноста на Балканот, се и неодамнешните настани во Грција, односно повлекувањето од владината коалиција на лидерот на „Независните Грци“, П.Каменос, кој се противи на Преспанскиот договор, иницирањето на процесот на гласање доверба на Владата. За одбележување е дека во Атина „Преспанската зделка” се турка без да се води сметка за мислењето на граѓаните на земјата, а за референдум по ова прашање поврзано со длабоки национални интереси, не станува ни збор.

Ставот на Руската Федерација по проблемот со македонското државно име останува непроменет: одржливо решение мора да биде најдено без надворешен притисок и наметнување рокови и услови, врз основа на широка општествена поддршка – во Република Македонија и во Грција – и исклучително во рамките на правото. Поаѓаме од тоа дека ова прашање мора да биде разгледано од Советот за безбедност на ОН во согласност со точка 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН.”

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...