Врховниот суд денеска разгледува 13 жалби за 15 осомничени за настаните во Собранието од 27 април. Тие се жалат на одлуките за притвор и куќен притвор. На седницата се присутни седумина од осомничените: Митко Павлов, Игор Дурловски, Крсто Муковски, Горан Ѓошевски, Сашо Василевски, Душко Лазаров и Мунир Пепиќ.
За жалбите ќе одлучува петчлениот кривичен совет при Врховен суд на чело со претседателот Јово Вангеловски.
Само што ја отвори седницата, Вангеловски соопшти дека јавното обвинителство непосредно пред почетокот доставило предлог, поради што судот даде пауза за адвокатите и обвинетите да се запознаат со предлогот.
Не е познато каков е предлогот, но она што се знае е дека обвинителството ја заврши истрагата па не се исклучува за некој од обвинетите да се укинат мерките, бидејќи сега не може да влијаат на истрагата.
При влезот во Врховен на новинарите им беа одземени мобилните телефони, на што тие реагираа дека им се потребни и за фотографии но и за комуникација со редакциите.
Вангеловски рече дека таква одлука донеле за да се заштити текот на постапката, бидејќи во минатото биле злоупотребувани за комуникација. На уште една реакција од во врска со телефоните, претседателот ма судот опомена дека за да му се обрати некој на судот треба да добие збор во спротивно ќе биде отстранет од судница.