Манчевски до ракометарите: Политиката надвор од спортот

3531

Министерот за информатичко општество и информатика, Дамјан Манчевски, на Твитер испрати порака до ракометарите порачувајќи политиката да се тргне надвор од спортот.

„Политиката надвор од спортот. Поздрав до репрезентативците – политичари. Доста делби“, напиша Манчевски.

Ваквата порака на министерот следува откако имаше низа ситуации во кои се испреплетоа политиката и спорот.

Прво, непосредно пред Нова година, ракометарот Стојанче Стоилов ја напушти манифестацијата Спортист на годината поради двојазичниот карактер кој го доби таа.

Со стартот на Светското првенство во ракомет во Германија и Данска на кое настапува и нашата репрезентација Стоилов повторно имаше порака за промената на името. Уставните амандмани се изгласаа во ист ден кога ракометарите го отворија првенството, а попладнето репрезентативниот пикер се јави со порака.

„Ментално нестабилни сме сите у државава што дозволуваме вака да ни прават!!! Срам да ни е на сите… За мене секогаш ќе биде МАКЕДОНИЈА!!!“, напиша Стоилов.

Коментаторот на вториот програмски сервис на МРТВ кој се емитува на албански јазик, пак, во известувањето не сакаше да го каже со име и презиме Стојанче Стоилов туку го ословуваше со „играчот со број 5“.

Ракометарот не сакаше да го коментира тоа, а од МРТВ најавија санкции за новинарот.

Во екот на случувањата со промената на името, порака имаше и голманот Борко Ристовски, кој додека се интонираше македонската химна го покажа симболот на обединета Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...