Министерката за туризам на Грција, Елена Кундура, која е од редовите на Независни Грци, преку изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА, вели дека ја поддржува владата и порачува дека не преговара за нејзиното право да гласа онака како што и налага совеста, јави дописничката на МИА од Атина.
– Јасно ја поддржувам владата да ја заврши својата работа. Свесно останувам далеку од ситни политички игри и како и во текот на целата моја политичка кариера, така и сега ќе продолжам да одам напред со сериозност, одговорност и единствен критериум, националниот интерес – вели Кундура за АНА-МПА и објаснува дека владата напорно работеше за конечен излез на Грција од меморандумите и мерките за штедење и затоа „не може да се дозволи да се прекине патот на земјата кон развој и просперитет и да се поништат жртвувањата на грчкиот народ“.
Министерката за туризам се наоѓа во Кина на планирано патување на владината делегација, затоа и не беше присутна на вчерашната прес конференција на лидерот на Независни Грци. Но, нејзиното име доста често, во изминатиот период во Грција се споменуваше меѓу имињата на пратениците кои ќе му завртат грб на Панос Каменос и освен што ќе ја поддржат владата на Ципрас, може да гласаат и за Договорот од Преспа.