Претседателот на Стопанската комора на Македонија и потпретседател на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески, денеска во Виена, ќе учествува на настан на кој ќе биде официјализирана соработката помеѓу Коморскиот инвестициски форум, Австриската федерална стопанска комора и Австриското федерално министерство за Европа, интеграции и надворешни работи, кое ја координира работата на Австриската агенција за развој.
Со потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу трите партнери, соопшти Стопанската комора на Македонија, ќе биде воспоставена рамка за унапредување на заемната соработка во насока на обезбедување поддршка за развојот на регионот на Западен Балкан, во согласност со Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан и приоритетните цели на Берлинскиот процес, преку унапредување на перспективите за продолжување на процесот на проширување на Европската унија и засилениот ангажман на ЕУ на подрачјето на Западен Балкан. Примарен фокус на активностите кои заеднички ќе бидат преземани во рамки на воспоставената соработка, се посочува, ќе имаат прашањата за дигитализацијата и стручното образование.
Азески, како што стои во соопштението од Стопанската комора на Македонија, ќе оствари работни средби со Карин Кнејсл, министер за Европа, интеграции и надворешни работи во Австриската федерална Влада и Хералд Марер, претседател на Австриската федерална стопанска комора, како и со претставници на менаџментот на водечки австриски компании.
Коморскиот инвестициски форум, кој Стопанската комора на Македонија го основаше заедно со Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија, Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово, во рамки на Берлинскиот процес, има за цел да се постигне поефикасно вклучување на бизнис заедницата од регионот во процесите на имплементација на проектите кои се од важност за економскиот просперитет на земјите од Западен Балкан, со потенцирање на развојот на конкурентноста на економиите од регионот преку поврзани бизниси, соработка и координирани активности.