Кога не си победник, мора да си покојник

4049

Александар Николовски од Охрид викендов порача дека, кога тие ќе дошле на власт, ќе го поништеле овој и ќе направеле друг, подобар договор со Грција. Слични изјави постојано репетира и Христијан Мицкоски, со мала резерва дека ќе направеле „сè што е во нивна моќ“ тоа да се случи…

Познато е дека тие што молчат, ретко кажуваат глупости. Опозициските партиски намесници на Никола Груевски во Македонија никако малку да замолчат.

Инерцијата со која и денеска ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува погрешната политика на Никола Груевски по прашањето на тоа дека до договор со Грција треба да се стигне по пат на компромис во спорот, компромис што ќе го направи само Грција, а не и ние, е една од причините за катастрофалниот пад на Груевски и самата партија од удобноста на власта што ја практикуваа, во сè подегенерирана форма и содржина, повеќе од една деценија. Занесен, а по малку и задреман од своето апсолутистичко владеење, Груевски пропушти да види дека светот е тргнат да се средува на начин што не може повеќе да се толерира изигрувањето политичка „млада невеста“ на шевот на спојувањето на Западот и Истокот на Балканот. А потоа сите знаеме што (му) се случи.

Но, и по тој пад, очигледно, ни на неговиве наследници памет не им доаѓа. Има ли некој таму да им објасни дека додека, по ова прашање (Преспанскиот договор) не го променат ставот, може во Македонија секои шест месеци да се одржуваат вонредни парламентарни избори, а тие НИКОГАШ нема да ја освојат власта.

За на овие кои денеска ја водат ВМРО-ДПМНЕ да им се помогне во таквото пост-груевистичко зреење, во обидот за нивната прозападна еманципација – бидејќи неговото присуство во Македонија, макар и во затвор, било преголема пречка за да се опорави партијата од сопствените политички и криминални гревови – се направија напори Груевски да се „телепортира“ (уште не знаеме како?!) надвор од земјата. За таа транспортна и смештајна услуга беше замолен Орбан. Бидна што бидна.

Етеее… Се жалевте – добивте поштеда; на задоволство и на Грујо. И пак тресење глупости?! Како, молам, после сè што направивте, ќе сте го поништувале постигнатиот компромис, овој што уште ни во Грција не е изгласан?! И тоа откако ја видовте Меркел како и во Атина се гушка и целива со Ципрас по прашањето на Преспанскиот договор?

Од страна погледнато, како да се создадени сите услови за промена на луѓето кои се моментно во посед на партиските печати и штембили на ВМРО-ДПМНЕ. Тие се директна и функционална екстензија на Груевски и не покажуваат подготвеност за модернизирање на таа партија. Направија многу за да го оневозможат усвојувањето на Преспанскиот договор, а сега најавуваат и дека нашите членства во ЕУ и НАТО ќе ги сметаат за нелегитимни, па дури и илегални. Тоа доликува на политички маргиналци или екстремисти, не на главната опозициска партија во земјата.

Но, со таква радикална политика, кога не си победник, тогаш мора да си покојник.

Единствената дилема е дали, за да дојде до промени во раководството, а потоа и политиката, во ВМРО-ДПМНЕ, треба цела држава да се вади на вонредни парламентарни избори? Или и претседателските ќе бидат доволни?

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...