Зборот „патриотар“ е обичен за современиот бугарски литературен јазик, но не и за македонскиот во кој нема еквивалент ни по форма ни по значење. „Патриотар“ е професионален патриот. Тоа е човек кој произведува, продава и добро живее од бизнисот патриотизам. Како што се гледа, нашите соседи Бугари му додале еден словенски суфикс (-ар: како во лим-ар, тапан-ар) на латинскиот збор патриот за да ги изложат на подбив оние што од возвишено чувство, какво што е чувството љубов кон татковина, направиле бизнис.
Бизнисот „патриотарство“ има убава традиција, актуелна практика и, по секоја веројатност, сигурна иднина. Нема да биде загрозен со евентуалниот влез на РСМ во НАТО и во ЕУ, за што ни сведочи неговиот статус кај нашиот сосед. Не само што не опадна во европска Бугарија туку, напротив, доби ветер во грб. Кај нас има и своја евтина работна рака. Се плаќа со сендвич-два или по 500 ден. за некои два-три часа протести пред парламент, на пример. Има свои технократски залихи од кои црпе менаџери за клиники и заменици директори (и владата на Заев си назначи свои) по јавните претпријатија. Најпосле, има и своја елита од која се прават министри, пратеници и тоже подобни ликови.
Нашата свадбарска, славеничка и кафеанска турбо-фолк култура има две омилени, изразито патриотарски теми околу кои се врти голем бизнис. Една од тие две теми е врзана за името на државичето Македонија: „едно име имаме/во срцето го носиме/ за тебе живот даваме/ ој Македонио!/.“ Втората е врзана за целокупна или Македонија во нејзините природни, етнички граници како што често велеше покојниот академик Блаже Ристовски: „Македонија од три дела/ пак ќе биде цела“; „Делете ја, парчете ја, пак ќе биде цела.“
Тие две теми, со посредство на нивниот музичко-лирски дизајн во којзнае колку варијации потпалуваат, како стрниште на летен пек, две контрадикторни чувства кај редовните потрошувачи на тој вид производи. Едно е чувството на голем дерт (лута жал) поради големите маки и неправди низ кои минувала „мајка Македонија, маченицата“. Второто е чувство на „екстаза“, едно лирско чувство кое, според учењето на Платон, античките рапсоди ги поврзувало со – боговите.
Ќе се задржам тука нешто повеќе на првото, дерт-чувство. За второто (екстаза) кое заслужува не помалку внимание ќе зборувам при друг повод.
Тоа дерт-чувство не е друго освен наш, турбофолк палијатив – мелем врз лута рана на душа, локал-варијанта на универзален психолошки механизам кој се вика виктимизација во модерната антропологија. Збор е за постапка кон која прибегнуваат луѓе кои страдале во животот, на кои им биле нанесени тешки, сурови, ужасни неправди. Добро зборува за тоа и романот „Деветте круга на пеколот“ на писателот Ацо Алексиев кој, на млади години, помина низ пеколот на озлогласениот Голи Оток. Зборува и книгата „Егејци“ на Кица Колбе. Таа посебно се интересира за луѓето кои живаат во некоја болна траума, кои навикнуваат на неа, кои се вовлекуваат во таа своја траума како во оклоп и кои, дури, уживаат (извлекуваат задоволство!) од статусот жртва.
Тоа (слатко) задоволсто кое се извлекува од статусот жртва Кица Колбе го поврзува со првата генерација жртви на граѓанската војна во Грција. Има, според мене, поголема, колективна клиентела. Потоа: тоа црно задоволство има и свои институционални генератори. Службената историја на многу народи, на пример, обично зборува за подвизи, но не и за дела со кои не може да се гордее. Не е ни само наша, ни само балканска таа склоност и навика да се живее и да се ужива во статусот жртва. Се работи, всушност, за општа антропо-склоност и практика. Во шемата „јас-другиот“, на пример, некоја слабост, неуспех или постапка која буди чувство на вина лесно му ја припишувам на другиот за да избегнам одговорност, за да испаднам малку подобар во своите очи.
Така е и со оној наш колективен, отровен „дерт“ по мајка Македонија „од три дела“ која „пак ќе биде цела“. Иако таа не била цела ни во Отоманската империја; иако била поделена на Солунски, Битолски и Скопски вилает; иако, по Букурешкиот мировен договор (1913), тие турски вилаети биле поделени меѓу Србија, Грција и Бугарија. Потоа доаѓа антифашистичката борба во која војската на партизанскиот генерал Михаило Апостолски достигнува бројка од 100.000 војници. Една борбена сила за показ и приказ која прави слободна, федеративна, народна република Македонија (ФНРМ) од некогашната Вардарска бановина во Кралството на Србите Хрватитите и Словенците.
Тоа што Македонија „од три дела“ никогаш, во својата историја, „не била цела“; тоа што, едно време (до 1948), Титова Југославија успеа да издејствува, во времето на Георги Димитров, Бугарија да прима учители од ФНРМ кои ќе држат настава на македонски литертурен јазик во Пиринска Македонија; тоа што поетите Славко Јаневски и Ацо Шопов напишаа една поема (На Грамос) во чест и слава на борците на генерл Маркос меѓу кои имаше многу Македонци, сето тоа, на свој начин, помогна многу не само да се породи, туку и да се развие, да пушти длабок корен и да земе замав тоа колективно дерт-чувство по „Македонија од три дела“ која, кога-тогаш, „пак ќе биде цела“.
Доби и своја идеолошка артикулација во една политичка партија каква што е ВМРО-ДПМНЕ, par exelence патриотарска партија. Уште на своите почетоци нејзиниот водач Љ. Георгиевски изјави, со многу жар и полет, дека следниот (по оној во Прилеп) конгрес таа партија ќе го држи во Солун. Градот во кој, во 1893. беше образувано славното ВМРО на Гоце Делчев. Изразито патриотарска е и политичката реторика (и практика!) на сегашниот водач на ВМРО-ДПМНЕ Х. Мицковски. Тој грми, на пример, дека премиерот Заев бил „предавник.“ Само затоа што потпишал договор со Грција, услов за влез во НАТО и ЕУ. Се работи за патриотарство со сите нишани и салтанати кое просто плаче за стрплива, систематска анализа. Ама, тоа си е веќе друга и посебна тема.