Додека Мицкоски и неговото „подновено“ партиско раководство се трткаат и туфкаат со реформите во ВМРО-ДПМНЕ – ако, воопшто, за некакви посериозни реформи веќе може и да стане збор – контролата врз партијата, на терен, му ја превземаат дел од оние негови опоненти кои изгубија на минатите партиски избори.
Тие тоа го прават со релативно мал број луѓе кои ги радикализираат активностите на партијата со насилства, притискајќи го Мицкоски „до ѕид“, да не може отворено да се дистанцира од нив и, како слаб претседател, всушност да ја игра нивната игра, според нотите што тие му ги свират. Затоа Мицкоски и делува неавтентично, изнасилено, збунето, па некаде во реториката и патетиката оди дури и во „овердрајв“ таму каде што би требало комотно да вметне во лер.
Ова е, на кратко, контраударот што се одвива во ВМРО-ДПМНЕ против неодамна избраното ново раководство на партијата. На противниците на Мицкоски шансата за оваа внатрепартиска „форца“ против новото раководство им дојде по малку неочекувано и како „на тацна“ со Законот за јазиците, бидејќи таа клика секако не можеше да си дозволи предолго да чека, за Мицкоски да не се стабилизира и, колку-толку, да ги фати партиските „узди“ поцврсто во свои раце.
Оваа игра се одвива на острицата од ножот, позициите дневно се преговараат: пратеничката група им е нешто поапсена, а другото поделена, иако „кон надвор“ глумат обединети; Фамилијата, конзумирана со судски проблеми и со интензивниот процес на заштита и консолидација на украденото, не стои зад пучистите, но го има ставено и Мицкоски „на посматрање“ и го има „заобиколено“ со своите пара-безбедносни структури, за овој да не може ни до тоалет да појде без нивно знаење; општинските комитети се куд-кои-мили-мои; во кадровски „шарените“ врвни колективни раководни тела владеат недоверие, персонални фракции и придушени кавги; а остатоците од пропагандната курирска машинерија тераат патриотски хистерии по инерција, но уредно ќе го предадат Мицкоски кога за тоа ќе дојде време…
А самиот Мицкоски и лојалните околу него на овој „натисок“ се обидуваат да парираат со своја иницијатива, со некаква нова изборна програма, „најдобра до сега“, како да се по малку паднати од Марс, на глава, без падобран.
Во таква ситуација, се чини дека проблемот на Мицкоски е двоен: од една страна, тој сè уште нема авторитет, ниту инструменти за да се наметне во внатрепартиското обединување; а, од друга страна, целиот странски и домашен политички притисок, на дневна основа, е врз него, додека другите опуштено му работат зад грб, без за тоа да мораат да трошат значителни ресурси или кому било за што да одговараат.
Сето ова произведува извесна збунетост кај „патриотската“, вмровска јавност во Македонија. Незадоволството од општите состојби е многу поголемо одошто е скромниот одзив на чиј било повик за мобилизација или протест. Се трола ужасно многу на фејсбук, но за таа негативна енергија поделотворно да се канализира недостасува „инка“ којашто сите би ја препознале и би ѝ се препуштиле да ги преточи во акција. Тие се во состојба на конфузија и дифузија, како да се во Тунгузија, а им треба лидерска инфузија за подигнување на моралот, дополнителната патетика и вербата во помакедонско плачливо утре!
Ништо, на крај ќе мора Мицкоски – и тоа што побрзо, толку подобро за него – да седне со Заев за да се договори за помош како да стане претседател на ВМРО-ДПМНЕ со мандат да води политика што нема да мора да се преговара уште на три-четири места, покрај неговиот партиски кабинет.
Ако не, па, да го вратиме Грујо?