Сечени, лепени, монтирани. Издишани

Сергеј Дамовски е академски вајар, а веќе 19 години работи и како професор по ликовно. Им предавал на неколку генерации на ученици во гимназијата „Орце Николов“ и веројатно многу од нив ќе се сеќаваат на него, меѓудругото, и по тоа што токму со него за првпат биле на некоја изложба, во галерија или музеј.

1948

Нашиот соговорник Сергеј Дамовски е уметник, поточно, академски вајар и ликовен педагог, професор во средното училиште „Орце Николов“.

Воочи неговата самостојна изложба која е закажана за 18.јануари во галеријата „Колектив“, лоцирана на скопскиот плоштад (веднаш над истоимената градска пивница), ќе потсетиме на оние основни податоци за него.

Роден во Чорух- Дајрон, поранешен СССР, денешен Таџикистан, во 1963.година. Завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје во 1991. година, во класата на проф. Васил Василев. Досега имал седум самостојни изложби и учествувал на дваесетина групни изложби и ликовни колонии во земјава и во странство. Добитник е на значајни награди, а извесен период беше и престедател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).

Неговите изложби секогаш имале интересни и провокативни наслови, почнувајќи од првата самостојна изложба на скулптури „Лузнари“, потоа „Здрвени“, „Лунари“, „Озрачени“, „Динамогени“, сѐ до „Сечени, лепени, монтирани“ и оваа, претстојната „Сечени, лепени, монтирани. Издишани“.

 

Секоја со своја приказна и порака и секоја со дела од кои бликаат емоции, душевни расположенија, но и „слика“ за неговите размислувања и ставови, сѐ на тацна, за сите оние кои ќе дојдат да ги видат неговите скулптури, слики, цртежи, графики,…сите негови дела.

Оние кои го знаат уметникот и професорот приватно, знаат дека е и многу добар човек и вистинско богатство за тие кои го имаат како пријател или макар како познаник.

Вљубеник во планината, а последните неколку години и активен во дружењето со неа. Фотографиите, неговата стара љубов, се уште нешто со што ги воодушевува своите пријатели заробувајќи го во нив споменот од секоја нивна планинарска авантура. Мајсторски фотографии кои едноставно те повикуваат да го посетиш местото кадешто ја направил.

Иако е пред сѐ вајар, одамна не направил изложба на скулптури, како што вели, од повеќе причини, но затоа, пред неколку години имаше одлична изложба на големи формати на слики во Младинскиот културен центар, последна пред најавената за 18.јануари.

Селекцијата од дела кои ќе бидат изложени во галеријата „Колектив“ се оние од изложбата „Сечени, лепени, монтирани“ со која се претстави во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп, минатата година, но дополнета со некои нови дела и насловена малку поинаку: Сечени, лепени, монтирани. Издишани.

„Станува збор за тоа што сакав тие цртежи што ги имам на некој начин да ги искомбинирам поинаку и почнав да ги сечам и да ги составувам во други композиции и во некои нови приказни. Тие се споени во една целина што јас ја нареков Лепени, сечени, монтирани, а овој наслов ми се наметна самиот, како „кец на десетка“ кога се случи таа ситуација со прислушуваните разговори во која бевме вовлечени сите, без оглед дали и колку не интересираше политиката.

Е сега, ако ме прашувате колку политиката во овој случај, но и генерално, е инспиративна за уметноста и уметниците, нема да ви кажам дека  сум аполитичен. Не можеме да бидеме аполитични, бидејќи, колку и да звучи како клише кога ќе се рече дека, колку и да не се занимаваш со политика, политиката ќе ти дојде дома, тој период кога беа актуелни прислушуваните разговори, беше навистина интензивен и агресивен во однос на сите нас. И да, баш така, не можевме да останеме аполитични. А  во уметноста политиката секогаш имала влијание, како што и уметноста имала влијание врз неа.

Сѐ она што се случуваше со „сечените, лепените, монтираните разговори“ и воопшто, целиот тој период од 3-4 години беше навистина интензивно набиен, и кај мене на професионален и на приватен план, и генерално, во државата. Тогаш се случија и оние штрајкови на просветните работници, па целиот оној процес кој го нарекуваа „Шарена револуција“. Од сите тие превирања, јас очекував промена во многу правци, да се смени пред сѐ, тој примитивизам кој постоеше во сите сфери, не само во политиката, туку и во однос на функционирањето во различни институции, примањето на работа на неадекватни луѓе кои работат одговорни работи, итн., што направи некој општ хаос, а потоа, кога се очекуваше да стаса некоја промена, искрено, јас бев и сум разочаран. Очекував промена во правец на поквалитетен живот, еден социјален квалитет за сите нас на овој простор.

Како и да е, оваа изложба која беше проект на Домот на културата во Прилеп, сакав да ја донесам во Скопје и кога првпат отидов во галеријата „Колектив“, некако овој простор ми се виде како најсоодветен за овие и за уште некои нови дела кои се направени во друга техника, акрилна и маслена, за разлика од оние кои беа дел и од изложбата во Прилеп, а беа направени со комбинирана техника, колаж.

Насловот си дојде спонтано, односно, го додадов и зборот Издишани кој ми звучи најсоодветно во актуелниов период, како моја лична состојба. Иако за овој период запознав луѓе кои се доста решителни, без оглед на областа во која се решени да направат нешто, и се големи ентузијасти, за жал, мислам дека таа бројка кај нас е многу мала во целата актуелна ситуација“, објаснува Сергеј.

Дамовски почнал да работи како професор при крајот на 1999.година, иако, како што вели, никогаш не планирал да биде педагог.

„Морам да кажам дека последниве 2-3 години сум во топ форма за мојот предмет, односно, дури после 15-16 години можам да кажам дека апсолутно комуницирам со учениците на едно, за мене, задоволително ниво, искуството сепак си го прави своето“, се смее тој.

Во својата речиси дведецениска работа како професор, вели, сретнал многу талентирани деца, но за жал, многу малку од нив го продолжуваат школувањето во оваа област.

„Последниве две –три години во „Орце Николов“, особено во минатата генерација, имаше навистина многу талентирани деца, па во еден клас се случуваше да имаме и по 6-7 деца кои се супер талентирани за цртање ама интересот за понатаму е многу слаб. Најчесто, веројатно  под влијание на родителите (кај нас уште е актуелно она познатото – уметност, уметност, ама треба од нешто и да се живее), ретко кој, речиси никој, не продолжува на Ликовна академија, туку одбираат архитектура  или пак дизајн, а најчесто графички дизајн.

Ова наше поднебје е малку скарано со уметноста, во однос на тоа што е уметност, што е креативна мисла, многу сме боси во однос на една таква едукација. Накусо, културата за естетика не е на некое завидно ниво кај нас. Знаејќи ја ситуацијата во која живееме, луѓето сѐ поретко сакаат да дадат пари за едно такво задоволство какво што е купувањето на некое уметничко дело.

Во незавидна позиција е и самиот предмет по ликовна уметност. Часовите во гимназија се многу малку, а пред две години постоеше намера и тој еден час во средните стручни училишта да се намали и да се подели со предметот по музичко образование. Образложението беше дека треба да се реализираат некакви 10 точки во кои се содржани европските насоки. Земајќи предвид дека во тие неколку точки креативноста е на прво место, изгледа нелогично да се крати токму на самата креативност, со тоа што ќе го скратиме тој еден беден час во средните стручни училишта. Која е логиката? Се зборува за современо образование на 21 век, а се планира кратење на часови од уметноста, музичка или ликовна сеедно, па не знам колку ќе има позитивен исчекор во сето тоа.

На овие простори сме многу сиромашни кога станува збор за таков вид на култура, дали било тоа посета на изложба, музеј или познавање на нашето национално богатство. Многу често е случај моите ученици за првпат да посетат изложба, галерија или музеј во рамки на посетите кои ги организираме во текот на учебната година.

Во суштина, треба да се случи промена во наставните планови и програми. На пример, часовите би требало да се на некој начин креативни работилници на кои учениците повеќе ќе се изразуваат преку опиплива креативна работа и преку тоа ќе учат теорија на ликовниот јазик, а освен тоа, и часот може да е изборен, а не да зависи од тоа дали имаме минимум од 20 ученици.

Се зборува за новитети ама не се консултира базата, не се прашуваат професорите, тие што работат со учениците. Ние во изминатите 10 години два-три пати се сретнавме со повеќе професори од средните училишта и гимназиите и напишавме писмо до Бирото за развој и до Министерството за образование во кое наведовме примери за тоа што можеме да направиме, но немаме никаков одговор на тие наши барања и писма.

Треба да се има некој план и процедура, работилници, обуки и потоа полека да почнат да се менуваат работите. Веќе е едноличен и неатрактивен и начинот на работа – на пример, 34 ученици во една училница цртаат на блокче. Од 34 ученици 6-7 се талентирани иако и тие што не се толку талентирани ако им дадеш можност ќе направат добри работи, но ако им дадеме екстра можности на оние навистина талентирани деца, во иднина можеби повеќе од нив ќе се решат да се занимаваат со уметност наместо да одберат некоја професија која е во моментот атрактивна.

Накусо, најважно е да знаеме што сакаме да постигнеме ние со тие деца на овие часови, а не да поставуваме некакви стандарди, и часовите да зависат од бројката на ученици и да се кратат задолжителните часови“, порачува Дамовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...