– Сите граѓани на Република Македонија кои сметаат дека се загрозени, како и сите граѓани кои имаат сознанија дека други граѓани може да бидат загрозени од снежното време и ниските временски температури, да се јават на бесплатниот телефонски број 195 во Центарот за управување со кризи, со цел нивно понатамошно навремено доставување на информациите и податоците до сите надлежни институции – препорача Управувачкиот комитет, по седницата на која било констатирано дека службите на сите надлежни институции досега навремено, одговорно и професионално пристапиле при справување со состојбата поврзана со снежното време.
Како што соопшти владината прес-служба, донесен е заклучок да се активира Главниот штаб, постојано да заседава и да се следат тековно состојби од снежното време и ниските временски температури. Главниот штаб, имајќи ги предвид временските прилики, како и расположливата опрема (материјално – технички средства, механизација и слично), во соработка со сите надлежни институции (Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на Република Македонија) во текот на денов треба да направи прецизна процена на состојбите на терен, план за постапување и идентификација на итни потреби согласно теренската состојба, како и потреба и локации за доставување на хуманитарна помош, храна и лекови.
Полициските сили на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, пак, да бидат подготвени за итни интервенции доколку е потребно. Воедно, МВР, во соработка со ЈП „Македонија пат“, треба да го зголемат бројот на дежурни служби и сообраќајни контроли и патроли, особено на повисоките места, кои ќе ги предупредуваат возачите за задолжително поседување на зимска опрема, но и медицинска кутија за прва помош, а по потреба ќе информираат и за забрани за движење и пренасочување на тешки товарни возила.
Сите институции, стои во заклучоците, треба да бидат во постојана комуникација и координација, во функција на навремено преземање на превентивни мерки и активности и притоа сите информации и активности што се поврзани од снежното време и ниските временски температури во Македонија, навремено да бидат доставувани до Центарот за управување со кризи, со цел нивно понатамошно дистрибуирање и навремено постапување. Возилата и механизацијата на ЈП „Македонија пат“ да бидат во постојан и континуиран ангажман, со цел одржување на возната состојба на патиштата и нормална проодност. Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Црвениот крст, веднаш да ги преземе сите потребни активности за навремено и превентивно згрижување на сите бездомни лица, не само од територијата на Град Скопје, туку од целата територија на државата како и навремено доставување на неопходни лекови или други медицински средства и слични неопходни потреби.
Според заклучоците, Министерството за здравство, во текот на денов во сите служби за итна медицинска помош низ Македонија да подготви план за постапување, да определи број на екипи и протокол за функционирање и постапување во услови на постоење на снежно време и ниски временски температури. Во соработка со Агенцијата за лекови веднаш да направат анализа/проценка за евентуална потреба од достава на лекови до граѓаните кои имаат потреба од достава на лекови, а особено да се направи проценка преку системот на Управата за електронско здравство за тоа на кои лица кои примаат хронична терапија ќе им биде потребно достава на лекови, согласно подрачјето на живеење, особено во повисоките места. Министерството за здравство веднаш треба да достави наредба до сите ургентни центри со цел нивна целосна подготвеност и мобилност (со материјал, опрема и кадар) во случај на зголемена потреба од давање на здравствени услуги за време на снежното време и ниските временски температури.
Сите градоначалници пак се задолжени веднаш да ги стават во користење сите расположливи ресурси (материјално – технички, кадровски, опрема, механизација и слично), а доколку имаат потреба од дополнителна помош од технички ресурси, во случај да не можат да се справат со снежното време преку своите расположливи ресурси/или при нивно целосно исцрпување, во тој случај да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување. Градоначалниците треба веднаш да ги мобилизираат кризните штабови во нивните општини и во нив да ги вклучат локалните претставници од Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи.
Со седницата претседавал министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а присуствуваа и членовите на Управувачкиот комитет, вицепремиерката Радмила Шекеринска Јанковска, министерите за транспорт, з аздравство, за труд и социјална политика, Горан Сугарески, Венко Филипче и Мила Царовска и Агрон Буџаку, директор на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена. Присуствувале и Андреј Жерновски, заменик на министерот за надворешни работи, Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Гајур Кадриу, директор на ЈП „Македонија пат – Скопје“, Зоран Велков од ЈП за државни патишта, претставници од Генералштабот на Армијата на Република Македонија, како и претставници од Центарот за управување со кризи и од Министерството за одбрана.