Уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа поминаа и во третата финална фаза вечерва во Собранието на Република Македонија, откако претходно седницата три дена беше закажувана, додека премиерот Зоран Заев преговараше со Беса на Биљал Касами, околу нивните барања во врска со измените.
Пратениците со двотретинско мнозинство вечерва во рамки на 75. седница ги донесоа амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, а потоа и ги прогласија. Усвоен и прогласен и Уставниот закон за спробведување на амандманите.
На седницата не присустуваше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Владата прифати два видоизменети амандмани. Првиот е за амандманот XXXIV на Уставот и со него Преамбулата на Уставот ќе гласи „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. Со видоизменетиот амандман на амандманот XXXVI на Уставот новиот текст ќе гласи „Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со тактовината“.
Државјанството останува македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, а прифатен е амандман на Уставниот закон со кој се потврдува државјанството македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно.