Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев пред состанокот изјави дека е повикана целата пратеничка група. Прашан дали е можно ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти работата во Собранието, Јанушев рече дека ќе биде преиспитано нивното идно делување во институциите.
– Ќе ја следиме состојба во текот на денешниот ден, секако и следните денови и врз основа на тоа ќе донесеме одлуки и заклучоци за нашето понатамошно делување за што благовремено ќе биде информирана целокупната македонска јавност – рече Јанушев.
На новинарско прашање дали имаат најави дека се вршат некакви преговори со дел од нивните пратеници, Јанушев рече дека она што го знаат во моментов е оти се прават обиди на најгруб можен начин да се изигра правото, правната држава и можноста за слободно одлучување на пратениците.
– Тоа го видовме и бевме сведоци и на 19-ти октомври, приказната ни се повторува. Да почекаме, да не подлегнуваме на шпекулации и дезинформации и да видиме како ќе се одвиваат работите во текот на денешниот и следните денови – рече Јанушев.
Собраниската седница за уставните измени, која требаше да продолжи во 12 часот, се уште не е почната.