Коалициските партнери во грчката Влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос, прво ќе ја чекаат разврската кај нас, а потоа ќе остварат средба.
Иако беше неофицијално најавувана за денес, а и самиот премиер на Грција го спомена тоа во неговотo завчерашно интервју, сепак, средбата се одложува, јави дописничката на МИА од Атина.
– Додека не се тргне блокадата што постои во ПЈРМ се договоривме да ја одложиме средбата со премиерот – изјавил претседателот на Независни Грци, Панос Каменос, во разговор со новинарите пред почетокот на состанокот на пратеничката група на неговата партија.
Тој додаде дека сите работи се меѓусебно поврзани, дека е во отворена комуникација со Алексис Ципрас, но и дека не може да се одржи средба врз основа на сценарија.
Како што претходно објави МИА, Каменос утрово изјави дека ниту е министер во заминување, ниту е пред оставка, додека, пак, во грчкиот Парламент во тек е состанок на пратеничката група на Независни Грци.