Се реконструира едно од најстарите основни училишта во Скопје, ОУ „Васил Главинов“ во Чаир, за што се вложени повеќе од 14 милиони денари. Со реконструкцијата се опфатени трите блока на училиштето, а таа вклучува целосна внатрешна санација и на електричната инсталација.
– Откако ќе завршат градежните работи во овие три блока, ќе продолжиме со јавна набавка и за последниот блок Г и целосна реконструкција на спортската сала на ова училиште. МОН обезбеди средства во рамки на проектната единица и за покривот на училиштето, со инвестиција од над 10 милиони денари. Максимално сме посветени да ја подобриме инфраструктурата, не само во Општина Чаир, туку и на национално ниво каде што има потреба – изјави ресорниот министер Арбер Адеми, кој денеска го посети училишниот објект придружуван од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Адеми нагласи дека е оптимист и дека ако продолжат со активностите и реализацијата како во втората половина од 2018 година, очекува да имаат добра реализација на капиталните инвестиции и во 2019 година.
Настава во ОУ „Васил Главинов“ следат околу 900 ученици од различни етнички заедници. Објектот е од пред земјотресот, најстариот дел е изграден во далечната 1956 година, а два блока се доизградени во 1968 година. Градежните работи во првата фаза се очекува да траат до април, а дотогаш наставата нема да биде во прекин. Директорот Ќамуран Кучи рече дека за настава привремено ќе се користат и четири училници во вечерното училиште „Макаренко“.
На новинарско прашање министерот Адеми одговори дека во Општина Дебар се сменети имињата на две училишта, што биле во процедура од 2012 година.
– И во оваа прилика ќе споменам дека образованието, имињата на училиштата не треба да бидат прашање на дневната политика и создавање тензии, туку треба да ја рефлектираат волјата на националноста каде гравитира тоа школо, волјата на колективот, менаџментот, учениците, родителите. Тензии не му требат на образованието – додаде Адеми.