Португалскиот фудбалски експерт Жозе Мурињо изјави дека нема намера да се враќа во Бенфика, но тоа би му била голема чест повторно да го води Реал Мадрид и Интер.
Мурињо моментално е слободен откако беше отпуштен минатиот месец во Манчестер јунајтед.
Веќе почнаа шпекулациите дека тој може повторно да седне на клупата на Интер, каде што беше 2008-2010, а потоа замина во Реал до 2013 година.
– Немам намера да се враќам во Португалија, Бенфика не е опција за мене. Би ми била голема чест да се вратам во Реал или Интер, но се уште не сум разговарал за такво нешто. Кога еден тренер или играч се враќа во клубот, тоа значи дека тој направил позитивни работи таму – изјави Мурињо.
Додава дека сака да се одмори и ја чека вистинската понуда.
– Имам време да бидам самокритичен и да анализирам во мир, сето она што е во последните неколку години го направив. Ќе се подготвам за нова фаза во својата кариера – заклучи Мурињо.
Португалецот освои две титули во Лигата на шампионите (Порто, Интер), и беше шампион во сите држави во кој работеше – Португалија (Порто два пати), Англија (Челзи три пати), Италија (Интер двапати) и Шпанија (Реал еднаш).
ФОТО: EPA / NIGEL RODDIS