Уште еднаш за Груевски, неговите жртви и слободната волја

2064

Фасцинантни работи приметувам (или можеби повеќе мачни работи приметувам?) кога се работи за нашиот „најголем национален син“ Никола Груевски: бил осамен во Будимпешта, страдал за Македонија, страдал за каузата… Да ви кажам отворено, сѐ се тоа глупости. Сега ќе се обидам да објаснам и зошто.

Денес, а во голема мера, како впрочем и сите изминати дваесет и осум години „независност“, патријархатот во Македонија е војнички (зарем има „друг“ патријархат?), милитантен, а тоа секогаш има врска со нашите „борбени“ синови откако ќе стекнат симпатии од нашите општествени (и фамилијаризирани) арбитри. Самиот сум од оние кои се на комплетно спротивната страна: пораснав или одгледан сум без татко; не е тоа некоја особена причина за гордеење или за срамење, едноставно тоа е така. Никогаш немав ментор или тутор над глава. Сам одев низ животот. Никогаш сум немал некоја особена поддршка, знаете, „некој што ќе те поттурне“. А и да сум имал некој, тој не ми бил ниту роднина, ниту некој што бил „мој“, ако ме разбирате што сакам да кажам.

Од друга страна, отсекогаш верував дека политиката не е „воена формација“ во која еден човек диригира сечија егзистенција (идејна, политичка, филозофска, љубовна), и дека целата таа логистика во феноменолошка смисла припаѓа на едно друго време кое не може да се нарече „демократско“. Затоа се грозам од овие појави кои беа синоними во времето на Груевски, затоа што дури и како осумнаесетгодишен сум регрутиран под графата „гардисти“ – единствено поради физичките предиспозиции – а во војска никогаш не отидов. Па, сепак, познавам луѓе кои се одгледани во „офицерски семејства“ и кои никогаш таквиот поредок ниту ги дефинирал како личности или, пак, ги одбележал на извесен начин. Ако ништо друго, некои работи ти помагаат поинаку да ги согледаш или поинаку да ги разбереш.

Што всушност сакам да кажам? Mоре, joк! Жалам, немам никакво сочувство и емпатија за Никола Груевски. Многу ми е мило што е надвор од земјава. Ќе ми беше многу помило ако беше во затвор. Ќе ми беше уште помило ем драго ако беше многу, многу порано во затвор. А најмило, далеку најмило ќе ми беше ако никогаш не добиеше прилика „да стане Никола Груевски“, оној бивш премиер за кој „сите ние“ денес го знаеме. Немам ниту волја ниту желба ниту сум во состојба да бидам сентиментален над судбината на човекот што внимателно и „системски“ убиваше цели егзистенции на луѓе, а таквата „работа“ ја круниса со единаесетгодишна aвтократија.

Ме копка, покрај сѐ друго, и тоа: како до такво нешто се доаѓа? Колку е тоа личен избор, а колку е тоа работа на околностите? Ми велат луѓе: „кој им е крив што Груевски го гласаа“? Ако ова е единствената аргументација (а најчесто е), тогаш ваквите ги прогласувам за елитни мислители на „граѓанска Македонија“, онаа де, „прогресивната“ и активистичка, оти што тие сите (или сите „ние“) зборуваа и зборувавме сите овие години: како тоа, вие, драги Македонци и граѓани на Македонија, мислите дека немате ништо со поделбите (?), пљачката и убиствата, кога како активно мнозинство го гласавте, и тоа многу пати до сега, за Груевски и кликата му злосторничка? Не беше Груевски запишан во sвездите, никаков „фатум“ тука не постоеше, туку вашата слободна волја, изразена според вашата етика и памет во дадениот момент! Можевте да гласате и за нешто друго – имаше во понудата, не дека немаше – ама вие, ете, го гласавте Груевски. Крај на приказната.

А, ако беше поинаку, денес Македонија ќе беше поинаква „вукојебина“, или можеби ќе беше само поинаква. Груевски денес како цивилно лице ќе одгледуваше пчели во неговата „татковина“. А кој се можеше да биде жив, а кој не, подобро е да не мислам за тоа.

Па, сепак, тоа е една страна од вистината. На другата страна се наоѓа личната одговорност. Вистина е дека Македонија не мораше така брутално да се расцепи во главите на луѓето, вистина е дека Македонија не мораше да се пучира, можеше Груевски да замине во мир, цивилизирано, да се соочи со своето злосторство, ама, ете, не замина, односно побегна. Дали тоа ги оправдува крвавите раце на поединецот што го штитеше „националниот син“? Ни во лудило. Како што земјата не мораше да се распадне, така и тој не „мораше“ да ги крвави рацете кога се распаѓаше! Дали тоа го оправдува некого што со својата професионалност беше обврзан да го чува мирот, да ги чува граѓаните, на крајот на краиштата да ја чува земјата? Е, тука, доаѓаме до „срцето на темнината“, и до она што ме копка.

Познавам и денес, и вчера и многу поодамна разни видови на луѓе, оние кои се фолклорно-психолошки типови, галамџии, и добричини, и притаени садисти, и разноразни „свати“ (Басара). Ама, речиси преку ноќ нивниот свет се растури: земјата „груевистичка“ во која веруваа, мешавина од мачо-посесивност и наивен детски идеализам, се растури по шавови на една (квази)етничка поделба, а идеологијата за која недоучено и бандитски ја конзумираа во јавноста мислејќи дека така се објаснуваат сите работи на овој свет и век, се покажа немоќна и бедна, и што е најлошо – смешна; смешна пред онаа „тривилјана“ политичка моќ од типот: пари, политичка слобода, потрошувачка роба…

Видовте и сами: непријателот повеќе не беше апстрактен (знаете она, „црвени“ и „сини“…) и нужно не доаѓа од надвор, туку непријател станува довчерашниот брат, роднина, пријател. На таквиот непријател смее да му се направи се она што не смее да му се направи на „касичниот непријател“, оној „стран“, оној „туѓ“ и оној чисто „војнички“ на кого никогаш ништо нема да му се направи како што ќе му се направи на својот брат, роднина и пријател.

За овој текст инспириран сум од авторката Славенка Дракулиќ – жена која многу добро знаеше што зборува додека ги пишуваше своите дела, а и самата потекнуваше од семејство со слични корени: оние „кротки“, питоми и „секојдневни луѓе“, тие се најлошите, пишуваше Славенка Дракулиќ. Застрашувачка сила поседуваат тие бездушни и „добри, секојдневни луѓе“, само треба да им се погодат околностите. А кога ќе ги намирисаш, кога ќе ги наслушнеш нивните причини и аргументации, кога ќе ги проучиш нивните бедни „историско-политички“ умувања, сфаќаш мајсторе дека цело време си имаш работа со епохални будалетинки кои не би смееле ни мета да држат без стручен надзор.

А што се однесува до Груевски, тој кутриот самиот си го трасира својот пат, и нека повели да одмаршира до крај. Таа привилегија на слободниот избор неговите жртви ја немаа.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...