Граѓаните може да побараат отштета доколку се лизнат и паднат на снегот и при тоа се повредат.
Од Град Скопје велат дека евентуалните побарувања за ваков вид отштети се пријавуваат во судот, а не кај нив.
– Тие пријави се праќаат во Основен суд, а не кај нас, потоа судот нѐ известува во зависност од тоа дали Град Скопје е надлежен, бидејќи човек може да падне на улица која не е во наша надлежност – велат од Градот.
Побаравме одговор од Основен суд Скопје 2, од каде ни беше речено дека има поднесено тужби од лица кои паднале или се лизнале на снегот, но не можат да го кажат точниот број.
– Ве известуваме дека оперативниот систем АКМИС, што судот го користи за работа, нема можност да ги генерира, ниту пак одвоено да ги селектира бараните податоци. Тоа е поради причини што истите спаѓаат под генералниот основ „надомест на штета“, каде се евидентирани и други предмети во кои се побарува надомест на штета, а
каде основ на штетата не е пад на снег/мраз – рече портпаролот на Основен суд 2, д-р Сања Томиќ Велкоски.
Плусинфо вчера објави дека повеќе од 50 скопјани за три дена се здобиле со скршеници паѓајќи на замрзнатите улици и тротоари. Тие биле примени во болниците ГОБ „8. Септември“ и во „Свети Наум Охридски“, а најчесто настрадале раце, потколеници, но и по некое раме и лакот. Дел од граѓаните, за среќа, при падот заработиле набиеници и исчанчување на глуждот, и поминале полесно, без да скршат некој екстремитет.