Нов обид за гласање на уставните измени, се бара уште еден пратеник

666

Уставните измени во третата и финална фаза денеска повторно пред пратениците во Собранието во рамки на 75. седница, откако вчера закажаната седница беше одложена и презакажана за денеска во 12 часот.

Според наши извори седница ќе има ако премиерот Заев успее да убеди уште еден пратеник (оти толку фали) од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за да има двотретинско мнозинство за уставните измени. Има варијанат Џафери да ја продолжи седницата оти прво треба да се гласа текстот на уставните амандмани, за кои е потребно 61 глас. По ова седницата да се прекине и повторно да продолжи кога ќе се обезбеди двотретинско мнозинство.

Извори од вчерашните преговори велат дека по фијаско, нема најава за повторна средба на Беса и премиерот, односно дека ќе се чека утре до 12 часот, и како што велат „ако има ќе се гласа, ако не толку е“.

Премиерот Зоран Заев вчера на прес конференција кажа дека сѐ уште се во преговари со партијата Беса на Биљал Касами, која има два пратеника во Собранието, околу нивните барања за уставните измени, со фокус на начинот на кој ќе се дефинира државјанството и за заштитата на дијаспората, но засега нема официјални информации за текот на преговорите.

– Не можам да кажам дали ќе гласаат 80 пратеници, или пак ќе бидат 79 или 82 или 88, никој тоа сега не може да го каже. Верувам дека процесот на разговори кој течеше дава можност да веруваме дека ќе се обезбеди потребниот број од 80 пратеници, тоа е конечната цел и за тоа разговараме – изјави Заев.

Паралелно со подготовките за уставните измени во Собранието, надвор пред парламентарната зграда се одржа граѓански протест против промена на името, во организација на „Македонија блокира“ и партијата „Единствена Македонија“. На протестот се приклучи и лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во своето обраќање порача дека „на отворена сцена се одвива ова пазарење со името и идентитетот “ и дека “тој и ВМРО-ДПМНЕ ќе сторат се за договорот да не се случи“.

Македонското Собрание на 19 октомври со 80 гласа ја донесе одлуката за пристапување кон уставните измени. Иако потребното двотретинско мнозинство во правата фаза од менување на Уставот беше неизвесно до самиот почеток на гласањето, сепак во последен момент освен 72 пратеници од владејачкото мнозинство за пристапување кон изменување на Уставот гласаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. За втората фаза, која помина минатиот месец, беа потребни 61 глас од вкупно 120 пратеници. За завршување на третата и последна фаза е потребно двотретинско мнозинство гласови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...