„Најлошите држави имаат најдобри патриоти“, иронично рекол во една прилика Гете. Имајќи ја во вид оваа мисла на генијалниот германски поет и филозоф и размислувајќи за актуелниве збиднувања меѓу нас граѓаните на државичкава си дозволив него да го корегирам, се разбира во негова, гетеовска, смисла на зборот и заклучив: Најсиромашните народи имаат најмногу и најголеми патриоти.
Притиснати од екстремната сиромаштија до која не доведе претходната владеачка гарнитура и од која со тешки маки ќе не извади актуелнава, апатични и депримирани, многу од нас едноставно ја изгубиле способноста за самостојно мислење базирано на здравиот разум за кој пишува генијалниот заштитник на сиромаштијата, револуционер и борец за граѓански права Томас Пејн. Во таква состојба тие наседнуваат на тврдењата на господата „патриоти“ од редовите на партиските врхушки на опозиционите партии и малкубројните интелектуалци, масно платени од трезорите на најбогатата партија во Европа и од буџетот на „мајчица“ Русија дека, со имплементацијата на одредбите на Спогодбата со Република Грција, ќе сме ја изгубеле татковината, дека ќе сме го изгубеле идентитетот, дека ни е загрозен суверенитетот, дека ни загрозен јазикот, и т.н.
Како може да ја изгубиме татковината со географската одредница во нејзиното име. Таа, како географски простор на кој живееме, останува, не се губи од географскиот простор, нејзината постојна граница останува непроменлива како што кажува членот 3.став 2. од Уставот.
Како може да го изгубиме идентитетот кога во името на Републикава и понатаму остануваат термините „Република“ и „Македонија“ кои се основа на онтолошкото битие на државава. Таа и понатаму, како држава си останува Република, и понатаму си останува Македонија. Се додава само одредницата „Северна“ со која се допрецизира нејзиното онтолошко битие. Со Спогодбата не само што не се загрозува нашиот идентитет, туку и се потврдува и тоа за прв пат во историјата од страна на нашиот јужен сосед. Неверните Томи нека го прочитаат членот 7, став 1 и 3 од спогодбата и ќе се уверат во тоа: Таму јасно е кажано дека термините „Македонија и „македонски“ во однос на Втората страна (Македонија) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство.
Како може да ни биде загрозен суверенитетот кога со Спогодбата тој не се оспорува. Републикава и понатаму си останува суверена, самостојна, демократска и социјална држава, како што е наведено во членот 1, став 1 од Уставот. Нејзиниот суверенитет со Спогодбата не се загрозува, туку се потврдува. Во членот 3, став 2 од Спогодбата недвосмислено е наведено дека „Секоја од страните се обврзува, да го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата Страна“ и „Ниту една од страните нема да подржува било какви активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата страна.“
Како може да ни биде загрозен јазикот кога тој како што погоре видовме си останува македонски.
Основна цел на господата „патриоти“ од партиските врхушки на опозиционите партии им е повторно да се вратат на власт. Тие не секаат да ја видат Републикава во друштво со најбогатите, најмоќните и најстабилните држави на ЕУ и НАТО. Тие знаат дека, ако таа стана членка на овие асоцијации, ќе бидат контролирани, не ќе можат да прават што сакаат, не ќе можат нас граѓаните да не соголуваат до гола кожа како што правеа додека беа на власт. Зад нивниот патриотизам се крие желбата за власт и за моќ која ја носи власта. Затоа тие манипулираат со нас, затоа го користат отсуството на самостојно и логичко размислување кое е последица на душевниот замор, на апатијата и депресијата кои ни ги донесе сиромаштијата.
Добри патриоти во гетеовска смисла на зборот има и во соседна Грција. Тие, разбеснети од мегаломанијата на нашите националисти изразена преку антиквизација на Македонија и македонското во неа и манипулирани од „големите“ и алчни за власт „патриоти“ на грчката опозиција, како бесни кучиња ржат против напорите на грчките прогресивни сили на Сириза и коалицијата со неа, предводени од премиерот Ципрас и по секоја цена сакаат да ги спречат процесите околу ратификацијата на Спогодбата и зачленувањето на Републикава во ЕУ и НАТО. Не сакаат да ни се спомне името, ни како држава, ни како народ. Во услови на таков националистички набој Спогодбата со Република Грција е огромен чекор напред. Придобивките од неа се огромни.
Но, времето на национализмот минува. Светот се глобализира. Интензивните и брзи комуникациски врски преку интернетот, телефонијата и авионскиот сообраќај ги зближуваат луѓето и народите и ги рушат бариерите меѓу нив. За релативно кратко време национализмот и “големите или добрите патриоти“ на Јохан Волфганг Гете ќе заминат во историјата. На нивно место ќе дојдат вистински патриоти за кои патриотизмот е човекољубие, како што рекол Ганди и за кои светот ќе биде поле за културен натпревар меѓу народите, како што рекол нашиот Гоце. Ќе се створат услови да си го вратиме името. Републикава и во Регистарот на државите на ООН ќе стане Република Македонија. Сега таа е Поранешна Југословенска Република Македонија. Во услови на екстремен национализам судено и е извесно време да биде Република Северна Македонија. Но, сосема е извесно, дека за дваесетина и кусур години ќе биде Република Македонија. Патот до заслуженото име на балканскиве националистички ветрометини е тежок.