Поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, денеска треба да се појават во Кривичниот суд во Скопје, на рочиште за предметот на СЈО „Траекторија“.
Четворицата се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.
Претседателот на судечкиот совет Горан Бошевски на почетокот на минатото рочиште го одби како неоснован предлогот на одбраната СМС-пораките да бидат отфрлени како докази во постапката, бидејќи тие не можат да се ценат во оваа фаза, како и барањето аудиоснимките и вештачењата да не се користат во постапката како материјални докази поради неможноста да се потврди нивната автентичност.
На рочиштето за предметот „Триста“, во кој е обвинет Ѓоко Поповски поранешен помошник-министер во МВР за набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи, неговата одбрана треба да даде воведни зборови, а ќе бидат повикани и четворица сведоци на СЈО.
Обвинителите посочија дека Поповски со набавката го оштетил буџетот на државата за сума од 453.570 евра. Специјалното јавно обвинителство тврди дека Поповски тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.