Претседателот на Собранието Талат Џафери ја одложи за утре собраниската седница за уставните амандмани. Седницата е закажана за утре во 12 часот, откако денеска и по одложувањето на почетокот пленарката не почна во 15 часот.
На дневен ред се предлог-амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, како и предлог-уставниот закон за прогласување на амандманите, што претствува трета и последна фаза од процесот на уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор.
Претходно денеска премиерот Заев рече дека Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“.
– Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично – изјави Заев.
Пред Собранието втор ден се одржува протест во организација на здруженијата „Тврдокорни“, „Македонија блокира“, „Македонско христијанство“ и партијата „Единствена Македонија. На граѓаните пред Собранието денеска попладне им се приклучи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој најави дека ќе им се обрати на присутните.
За да поминат уставните измени во трета фаза е потребно двотретинско мнозинство, а како што посочи и самиот Заев, како и портпаролот на СДСМ Костадин Костадиновски, дали такво мнозинство има ќе се знае на денот на гласањето. Притоа не посочија кога точно тоа ќе се случи.