Американскиот претседател Доналд Трамп подготвува церемонија за потпишување на договор меѓу претседателот на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, тврди во денешното издание приштинскиот весник „Коха Диторе“.
Како што пренесуваат српските медиуми, „Коха“ наведува дека на ова му претходел состанок на Тачи со американскиот амбасадор Ричард Гренел во Берлин, за кој не е информирана јавноста, но ниту преговарачкиот тим на Приштина, ниту косовската Влада.
Познавачите на овој процес оценуваат дека вклучувањето на САД и Русија во постигнување на договор, се должи на сложениот процес на дијалог.
– Имајќи ја предвид сложеноста на процесот за постигнување сеопфатен договор меѓу Косово и Србија, ова прашање стана тема во рамките на американската и на руската дипломатија – вели за „Коха“ политичкиот аналитичар Кренар Шаља.
Сепак, според него, тоа не значи дека преговарачките тимови на двете страни нема да имаат никакво влијание во процесот.
Шаља укажува дека шансите за постигнување договор се рамни на нула, доколку овие големи сили не се договорат околу тоа.
Во декември минатата година Трамп испрати писма до претседателите на Косово и Србија и ја истакна можноста за средба со Тачи и Вучиќ во Белата куќа во случај да постигнат договор.
– Ве поканувам Вас и лидерите на Косово да го искористат овој единствен момент, да говорат со единствен глас за време на мировните преговори и да се воздржат од акции што го отежнуваат постигнувањето договор – напиша Трамп во писмото до Тачи.
На темата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, како што јави дописникот на МИА од Белград, српските медиуми го пренесуваат и ставот на политичкиот советник на Тачи, Блерим Шаља, кој тврди дека Србија го условува признавањето на Косово со добивање на дел од косовската територија.
Шаља за телевизијата Т7 изјави дека српската страна не го побарала тоа директно, но тоа јасно се гледа од изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Алузиите се јасни, нагласи Шаља – додавајќи дека „дискурсот на претседателот Вучиќ е дека еден дел од Косово треба да стане дел на Србија“.
Од друга страна, потпретседателот на Собранието на Косово, Џавит Хаљити изјави дека ниту Приштина, ниту Белград нема да бидат прашани многу за договорот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
Тој за КТВ изјави дека оваа година ќе биде постигнат правно обврзувачки договор и тоа само благодарение на големиот притисок на западната дипломатија.
Хаљити истакна дека во српските медиуми се говори за присоединувањето на четирите општини од северно Косово кон Србија, исто онака како што во Приштина се зборува за обединување на Прешевската долина со Косово.
– Верувам дека ќе има исклучително голем притисок за постигнување на договор и за тоа Косово и Србија малку ќе се прашуваат – изјави Хаљити.
ФОТО: EPA / JUAN IGNACIO RONCORONI