Денеска хоспитализирани 7 деца со морбили од Ново Лисиче

439

Министерството за здравство соопшти дека денеска до 13 часот, на Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани седум деца на возраст од 2 години. Сите деца се од населбата Ново Лисиче од Скопје, и ја посетувале детската градинка „Сонце“. За сите нови седум пријавени случаи се чека лабораториска потврда. Досега се заболени вкупно 8 деца од оваа градинка, сите невакцинирани со МРП вакцината. Во групата имало 28 деца сите невакцинирани.

Од 16 декември до денес (10 јануари) вкупно 22 лица со морбили биле хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 13 лица сѐ уште се хоспитализирани, а 9 се веќе пуштени на домашно лекување. Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а најстариот има 33 години и е од Скопје.

Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче (општина Аеродром) – вкупно 9 деца.

Од вкупниот број заболени, 8 пациенти од Скопје биле со полесна клиничка слика и се на домашно лекување.

Според податоците од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, досега се прегледани околу 30 пациенти за кои се сомневале или потврдиле дека се заболени од морбили.

Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје се вакцинирани 1.692 лица, а само денес до 13 часот вакцинирани се 85 деца.

Министерството уште еднаш повикува на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили и има доволно количини од вакцините. Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...