Повеќе од 50 скопјани со скршеници на снегот

Голема навалица на пациенти и тоа не само од Скопје, туку од целата земја, особено од источниот дел, има во Градската општа болница  „8. Септември“ каде веќе се пополнети сите болнички легла, бидејќи за три дена имале над 20 приеми со скршеници.

339

Повеќе од 50 скопјани кои се здобиле со скршеници во изминатите три дена паѓајќи на замрзнатите улици и тротоари биле примени во болниците ГОБ „8. Септември“ и во „Свети Наум Охридски“, а најчесто настрадале раце, потколеници, но и по некое раме и лакот. Дел од граѓаните, за среќа, при падот заработиле набиеници и исчанчување на глуждот, и поминале полесно, без да скршат некој екстремитет.

Во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ синоќа и денеска биле примени 13 скопјани со скршеници и набиеници, но за среќа, ниту еден не е хоспитализиран.

– Синоќа примивме 5, а денеска 8 пациенти со полесни повреди од паѓање на  замрзнатите улици, но по прегледот и укажаната помош, ни еден не е задржан за операција или болничко лекување. Граѓаните многу да внимаваат кога се движат надвор на овој снег и мраз, да носат добри обувки, а најдобро е без поголема потреба, воопшто и да не излегуваат – советува д-р Иван Спировски, директор на оваа клиника.

Голема навалица на пациенти и тоа не само од Скопје, туку од целата земја, особено од источниот дел, има во Градската општа болница „8. Септември“ каде веќе се пополнети сите болнички легла, бидејќи за три дена имале над 20 приеми со скршеници.

– Имаме засилен број на приеми на Ургентен, особено на пациенти со скршеници и тоа уште од завчера, 8. јануари кога се прегледани 10 лица со скршеници, најчесто на потколеници и колкови. Вчера имавме 32 прегледи, а речиси половина, 14 пациенти беа со фрактури, а примивме четворица. Денеска до пладне веќе имаме 5 лица со  скршеници, а тројца мораше да задржиме на лекување. Но немаме пациенти со скршеници само од Скопје, туку ни упатуваат од целата земја, особено од источна Македонија. Капацитетите на одделението за само три дена ни се максимално исполнети и веќе немаме место – ни рече д-р Зоран Несторовски, раководител на одделението за ортопедија и трауматологија во ГОБ „8. Септември“.

Оваа установа засега располага со доволно остеосинтетски материјали за вградување при скршеници, како плочки, штрафови, вештачки колкови.

Најмладиот скопјанец со скршеница кој е примен во ГОБ „8. Септември“ има 14 години и е со повредена потколеница, а денеска е примена и 24-годишна девојка, која исто ја искршила потколеницата, додека 40-годишен скопјанец утрово го скршил рамото.

Повредените со скршеници се примаат и на скопската Клиника за трауматологија, но оттаму не обезбедивме изјава за бројот на примените пациенти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...