Првата несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки кај дете во Македонија се планира да се изврши следната недела на ЈЗУ Универзитетската клиника за хематологија. Донор е 19-годишно момче од Германија, кое се очекува да го спаси животот на 13-годишник од Скопје.
– Пациентот е заболен од апластична анемија, а родителите се согласија наместо во странство, оваа интервеција да се направи кај нас. Воодушевени сме што дете на 19 години од Германија се согласи да донира крв и да даде клетки за да спаси живот на дете од нашата земја. Подготвени сме за оваа трансплантација, која ќе биде прва од несроден дарител кај дете, а планирана е да се направи в сабота, токму на Водици – изјави д-р Ирина Пановска Ставридис, в.д. директорка на Клиниката, по предавањето на донацијата на оваа установа, обезбедена од втората новогодишна хуманитарна аукција на уметнички дела организирана од Универзитетот Американ колеџ Скопје.
Наскоро на оваа клиника ќе биде направена и 500-та трансплантација на матични хематопоетски клетки од сроден дарител, а оваа интервенција таму се врши од 2000 година.
Директорката Пановска Ставридис вели дека установата е комплетно подготвена за овие операции.
– Располагаме со сите неопходни лекови за пред и постоперативен третман на овие пациенти, благодарение на условните буџети, со кои ги обезбедуваме овие лекови кои сѐ уште не се на позитивната листа, поради тоа што не се направени законските измени – рече д-р Пановска Ставридис.