Руски бабушки со изместено тежиште

За денеска, сакам само да им порачам на сите што се обидуваат да извлечат било каква корист од овој процес, политички поени, пари, тендери, амнестии, моќ, позиции, национализми – наречете го како сакате – не е време за тоа! Уцените и пазарењата нека ги остават за некоја друга прилика.

1135

Ова е време кога ја гледаме сета опачина на политиката, соголена докрај. Погодувате, не мислам само на процесот на спроведување на Преспанскиот договор од кој произлегува потребата за уставните измени. Но, денеска, само на тоа ќе го „испукам рафалот“, разгневен и разочаран од тоа како може една булумента од влекачи во политиката толку лесно да го избербатат патот кон иднината.

Процесот е тргнат и му предвидувам успешна завршница. Како и да е, трагите од грдиот напад врз процесот за надминување на спорот со Грција ќе останат. Да се надеваме дека некои поуки ќе извлечеме сите, со исклучок на политичарите. Од нив имам(е) сѐ помалку очекувања.

Не можам, а да не ги осудам најостро, директно и лично партиите, односно нивните пратенички и пратеници што го опструираат Преспанскиот процес. Нема оправдание, ниту пак објаснување за нив! Не можам да прифатам, едноставно, ни една од нивните позиции, бидејќи аргументите со кои располагаат се целосно неодржливи.

Јасно е како ден, еден дел од пратениците и лумпен политикантите што орбитираат околу ова прашање се обидуваат да ја искористат оваа историска шанса за да се здобијат со корист за себе и за тесните партиски интереси. Не е изненадување да се види и хистеричниот Мицкоски во истата толпа со еден од најгротескните лузери на политичката сцена во Македонија, руската бабушка со изместено тежиште, Бачев. Каков неславен крај! Онака, исплукан дури и од неговите кутри следбеници! Но, тоа е цената на лицемерието. Што ја плаќаме сите.

Не ми е јасно само, како можат и други политичари да застанат во истиот строј со овие руски бабушки (со изместено тежиште) и со подеднакво губитничко мешетарење да го опструираат процесот. Бидејќи, без оглед на сите различни „мотиви и аргументи“, резултатот е ист. И, на крајот на краиштата, Преспанскиот процес не е ниту крај на политиката, ниту ќе ги исцрпи сите можности за отворање или затворање на други прашања. Тие што поентираа досега, поентираа, има време и за други битки и прашања. Сега е време да се фокусираме на ова прашање.

Според моето цврсто убедување, пратениците што го опструираат овој историски процес за Македонија и за сите нејзини граѓанки и граѓани засекогаш ќе бидат обележани и запаметени како кусогледи, себични и/или корумпирани ликови. Нивната неславна улога ќе биде запишана на темните страници на македонската историја, без имиња, туку само како група. Или, уште поверојатно, воопшто нема да бидат забележани.

Од деценискиот спор со Грција корист имаат само назадните и деструктивни националистички структури од двете земји. Од неговото решавање, корист имаат сите. Решението ги поставува и двете земји на лидерското место во регионот, а имињата на нивните храбри политички лидери ќе бидат дел од светлата европска историја.

Овие денови ги гледаме и сите политички камелеони на кои не им е првпат да калкулираат и да уценуваат. Немам многу зборови за нив, а тие што ги имам, не се ни малку убави. Ќе ги почекам до крајот на гласањето во парламентот, па ќе ви раскажам и за нив по некоја скаска, без оглед на тоа дали ќе се „вразумат“ (читај: учипат) или не. За денеска, сакам само да им порачам на сите што се обидуваат да извлечат било каква корист од овој процес, политички поени, пари, тендери, амнестии, моќ, позиции, национализми – наречете го како сакате – не е време за тоа! Уцените и пазарењата нека ги остават за некоја друга прилика.

Општеството ќе мора да се носи со сето лицемерие и опортунизам, сето тоа бесрамно и бескрајно користољубие на грбот на генерациите што доаѓаат. А, секако ќе мора да се соочи и со тие што се протнаа на мала врата и сега удобно седат на приколката на историјата, а на главата имаат пластови од знаете веќе што. Блокирањето на Преспанскиот процес не е патриотизам, туку напад врз иднината на Македонија. Без оглед на болката од неправдите што ни беа нанесени на сите нас во Македонија изминативе три децении, ова е шанса што не се пропушта. Патриотизам е да се гради, а не да се урива.

Ете, да завршам со позитивна мисла, за промена… Ќе завршам со зборовите од соопштението што го испративме утринава:

Ги охрабруваме пратениците да донесат мудра, храбра и државничка одлука и да покажат единство кога се работи за големи историски одлуки како оваа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...