Собраниска седница за уставните измени одложена за 16 часот

297

Собраниската седница за уставните амандмани е пролонирана за 16 часот, извести претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој не ја посочи причината за одложувањето на седницата.

Пратениците на денешната 75. седница ќе ги утврдуваат предлог – амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, по што следува нивно донесување па прогласување.

Пред почетокот на собраниската седница генералниот секретар на СДСМ и пратеник Александар Кирацоски на прес-конференција информира дека е обезбедена поддршка од минимум 80 пратеници за усвојување на уставните измени.

Во меѓувреме пред Собранието на Република Македонија почна и најавениот протест во организација на здруженијата „Tврдокорни” и „Македонија блокира“, против уставните измени. Улицата пред Собранието е целосно блокирана, а се забележува и зголемено присуство на полицијата. Протестот, како што велат организаторите, ќе трае до полноќ.

За прогласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во Законодавниот дом. По прогласувањето на амандманите пратениците треба да го изгласаат и уставниот закон за нивно спроведување.

Овие амандмани ќе бидат составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...