На денешната владина седница министрите ја усвоија предлог-програмата за трансплантација во Република Македонија за претстојната година.
Целта на оваа програма е да се зголеми бројот на донори од починато лице преку олеснување на постапката на трансплантација на органи и ткива во интерес на пациентите, зголемување на бројот на пресадувања на органи и ткива од човечкото тело заради лекување, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
Програмата ќе создаде систем којшто ќе обезбеди и којшто ќе гарантира правичен пристап кон органите и ткивата преку формирање на листа на чекање според видот на органи кои ќе се базираат на транспарентни, објективни и медицински критериуми. Дел од активностите на оваа програма ќе бидат насочени и кон подигање на свеста кај населението за донирање на органи и ткива, особено преку информирање на јавноста за важноста на трансплантацијата на органи и ткива, се додава во владиното соопштение.